
Македонија
Вести
Теодор Јовевски прв стигна до светиот крст што владиката Јосиф го положи во реката Вардар во Скопје. Епископот Јосиф годинава првпат ја водеше централната манифестација на православниот празник Богојавление-Водици во главниот град, менувајќи го архиепископот г.г. Стефан, кој беше во Охрид и во Струга.
Во Скопје за фаќање на светиот крст имаше пријавено 220 граѓани, а на кејот на Вардар имаше голем број верници кои присуствуваа на свеченоста.
Пред да го положи крстот во Вардар, владиката Јосиф чиноначелствуваше со литургијата во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“. По завршување на литургијата владиката Јосиф, заедно со свештенството во поворка се упати кон мостот „Слобода“ каде почна „Водосветот“.
Откако го фати крстот Јовевски рече дека ова му било првпат и оти се надева дека ќе му донесе среќа, а на другите верници им порача да веруваат во Бога.
На свеченоста во Скопје, владиката Јосиф беше придружуван од заменик-претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски, од министерот за локална самоуправа Златко Перински и од градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.