Тимоние: одговорноста за недобивање на датум не е само на Франција, туку и на оние земји кои ѝ ветувале на Македонија дека ќе го добие фамозниот датум.

Објавил: Данаил Михајловски | 24 октомври, 2019 10:55

Тимоние: Преспанскиот договор можеби е предуслов, но европската агенда е друго прашање

Фото/Текст извор: ©магазин

Тимоние: “Преспанскиот договор можеби е предуслов, но европската агенда е друго прашање и тоа не е доволно. Тоа беше секогаш јасно кај француската страна и тоа беше пренесено кај грчките и македонските соговорници. Не значи дека тоа не е важно, но имаше чудно преместување на критериумите што повеќе беше маркетинг. Можам да ги разберам емоциите, можам да го почувствувам разочарувањето, но ова се политички разговори за иднината на ЕУ“, изјави без дипломатски ракавици амбасадорот на Франција.

Целосното стабилизирање на политичкиот живот во земјите од Западниот Балкан не е нешто што е завршено, и ние и вие мора да посветите поголемо внимание на таа тема. Да се отворат преговори не значи само по себе решавање на сите други сложени прашања и реформи кои треба да ги имаме на ум. Треба секогаш да се каже, кога збориме за проширувањето, францускиот претседател Макрон бара да се создаде нова методологија за оваа област, и пред неколку месеци почнавме да работиме на тој документ, за кој сега не би можел да откријам дополнителни детали. Советот на ЕУ во Македонија создаде големи очекувања и драматизација, но за нас во ЕУ беше повод да си ги поставиме и вистинските прашања за кризата во Европа. За Макрон европското прашање е од суштинско значење, тој сака да изградиме способна и функционална Европа, а прашањето за Балканот да биде прашање на етапи, понуда на етапно приближување кон ЕУ. Регионот не е целосно консолидиран, има признаени и непризнаени држави, и треба да се зајакне компонентата на регионалната соработка. 

Тимоние: Нема да откријам тајна доколку кажам дека на последните средби на министерот Димитров и вицепремиерот Османи со нивните соговорници во Париз беа отворени и прашањата за судството во Македонија, која е тема е многу важна и има многу предизвици кои што треба да се надминат и подобрат.

Тимоние без дипломатски ракавици рече дека одговорноста за недобивање на датум за преговори не е само на Франција, туку и на оние земји кои ѝ ветувале на Македонија дека на овој самит на ЕУ ќе биде доделен фамозниот датум. Тимоние рече дека Франција предупредувала дека реформите се клучни за започнување на преговорите, а дека Преспанскиот договор е само еден предуслов, но тоа не е доволно за да се стигне до целта. Според амбасадорот Тимоние, клучните реформи во Македонија не се до крај исполнети, а на чуден начин фокусот бил префрлен само на еден од исполнетите предуслови, а тоа е Договорот од Преспа за името со соседна Грција, чија важност тој не ја оспорува.

Амбасадарот на прес конференцијата даде дополнителни објаснувања за самитот на ЕУ во Брисел, на кој Македонија и Албанија не добија датум за преговори за членство во ЕУ. Амбасадорот Тимоние изјави дека ситуацијата и дискусијата за проширувањето не била така еднострана како што се претставува, туку дека на крајот имало усогласен предлог од Германија и Франција кој се однесувал на Македонија и Албанија, но другите земји членки не го прифатиле, затоа што бил оценет како минималистички. Амбасадорот потенцираше дека претседателот Макрон подолго време е конзистентен во ставот дека е потребно на усогласување на нова методологија за проширувањето.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.