Доколку не нападнал службено лице, како што тврди новинарот

Објавил: Калина Мартинска | 8 април, 2024 17:34

Тошковски до Салиу: Ќе ви се извинам, но тоа не го видов на камерите

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Внатрешна контрола ќе го испитува постапувањето на полициските службеници во врска со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу, појаснува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него, се работи за кривично-правен настан.

„Внатрешна контрола ќе си постапи во целост согласно нејзините надлежности, внатрешна контрола за овие три месеци покажа дека можело и поинаку да се работи од тоа досега, и во целост ќе биде испитано секое едно дејствие што е преземено од страна на полициските службеници, а е поврзано со овој кривично правен настан“, рече Тошковски.

Повика, како што кажа, на овој кривично правен настан да се го гледа таков каков што е, а тоа е дека станува збор за пресметка на две навивачки групи, за пресметка која што како таква доколку полицијата не интервенирала таму можело да биде многу сериозно.

„Таму можело да биде многу сериозно. Таму со камења е фрлано спрема полициски службеници, со камења е фрлано од една навивачка група спрема друга навивачка група и откога е воспоставен редот од страна на полициските службеници многу е битно да се каже дека натпреварот е завршен, односно фудбалерите го доиграле натпреварот, како што го доиграле, и притоа, нели, секако немало да го доиграат натпреварот ако не било воспоставен соодветен безбедносен ред во рамки на постапувањето“, посочи Тошковски.

Тошковски сподели детали од вчерашниот настан, кои, како што рече, ги говори исклучиво само врз основа на факти коишто можел лично да ги констатира и дека станува збор за напад врз полициски службеник.

„Многу е битно да се знае дека навивачките групи почнуваат физички да се пресметуваат помеѓу себе и од тој момент интервенира полицијата да ги раздвои. Трет факт е дека во рамки на физичкото пресметување помеѓу себе е констатирано едно лице кое што потоа е приведено, кое што на повеќе наврати физички напаѓа припадници на другата навивачка група и притоа физички напаѓа и еден овластен полициски службеник кој го соборува потоа приведеното лице, а притоа при соборувањето на приведеното лице околу овластениот полициски службеник се присутни и други овластени полициски службеници припадници на интервентна полиција и на ЕБР, при што во моментот на приведување на ова лице кое што напоменувам на повеќе наврати физички удира и мава како по припадници на друга навивачка група, така и се бори со дел од полициските службеници“, изјави Тошковски.

Исто така, додаде, факт којшто е констатиран во текот на вчерашниот ден е дека во рамки на возило, сопственост на еден од приведените, е пронајдено огнено оружје -пиштол при преглед од страна на овластените службени лица.

„Огненото оружје е со дозвола на имателот на истото, значи истиот поседува дозвола за негово поседување, која што во никој случај не може да амнестира во најмала рака прекршочна одговорност во овој дел заради тоа што таквото оружје во никој случај не може да биде во рамки на возило кое што како такво било на предметното место во рамки на селото Средно Коњаре, односно точно се знае согласно закон како се поседува огнено оружје, како се транспортира од точка А до точка Б, како се носи истото, дали со полн шаржер, дали со празен шаржер…, кажа Тошковски.

Соочување Тошковски – Салиу

На настанот на кој Тошковски даваше изјави беше присутен и новинарот Фуркан Салиу кој го праша дали тој нападнал или спречил полицаец во вршење службено дејство.

„Не е важно што јас сум видел, јас не поднесувам кривична пријава ниту судам. Никој нема право да злоупотребува никаква позиција во ова општество, без разлика дали е новинар, доктор, адвокат или министер. Никој нема право да нападне службено лице и никој нема право да нападне новинар. И законот треба да важи за сите“, нагласи Тошковски.

Тошковски го повика Салиу да биде искрен и да одговори дали имал физички контакт со полицаец, на што Салиу одговори: „Во ниту еден момент“.

По ова Тошковски му возврати: „Лажете, господине Фуркан“.

https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/456902623532003?locale=sr_RS

На прашањето на Салиу зошто бил извршен претрес на неговото возило без негово присуство, Тошковски нагласи дека бил извршен преглед.

„Известен сум дека при извршен преглед на вашето возило е пронајден пиштол. Многу е битно пиштолот да го чувате дома, а не во возило и на спортски настан, да го користите согласно одредбите од законот“, рече Тошковски.

Салиу го праша Тошковски што доколку се утврди дека тој не нападнал полицаец.

„Ќе ви се извинам лично, нормално, но тоа не го видов на камерите“, истакна Тошковски.

Политика во целиот настан

Тошковски најави дека внатрешна контрола ќе ги испита сите дејствија и апелираше до јавноста да не подлегнува „на класичните манипулации кои беа пласирани од одредени политички партии“.

„Не беше приведен ниеден што не нападнал службено лице или, пак, не спречил службено лице во вршење на службата. За сите овие настани ќе има соодветни докази“,нагласи тој.

Претходно од СДСМ обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ е истата режимска партија од минатото.

„Гледаме обиди на најбрутален начин, со апсење новинар кој објави афера за ДПМНЕ да се врати ВМРО-МВРО“, велат од СДСМ.

Од ВМРО ДПМНЕ одговорија дека овој инцидент најмалку нив им одговара.

„Фуркан Салиу приведен е затоа што попречил и нападнал службени лица од Министерството за внатрешни работи и незаконски чувал огнено оружје во својот автомобил со наполнета рамка куршуми“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Дел од новинарските здруженија повикаа случајот веднаш да се реши и да се објават сите информации околу приведувањето на Салиу.

Инаку, новинарот Фуркан Салиу беше приведен вчера откако нападнал службено лице, а во неговото возило беше пронајден пиштол. По неколку часа во полициска станица беше ослободен.

Прочитај повеќе на следниот линк:

Уапсен Фуркан Салиу, нападнал полицаец, а во возилото имал пиштол

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести