
Македонија
Вести
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во емисијата на ТВ21, „Клик Плус“ синоќа изјави дека Министерството за внатрешни работи (МВР) планира да преземе дополнителни мерки за пронаоѓање на лицата кои се недостапни за органите на прогонот.
Овие мерки имаат за цел подобрување на координацијата со меѓународните партнери и зголемување на ефикасноста во справувањето со криминалните активности.
За тоа кои се тие мерки синоќа во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 го прашавме токму министерот Тошковски.
„Станува збор за оперативни информации на оперативно ниво коишто ги добиваме и соодветно ги споделуваме со сите надлежни органи во рамки на други држави коишто, да речеме, имаме оперативни информации дека предметните лица се наоѓаат таму каде што сме ги добиле информациите“, изјави министерот.
Тошковски ја нагласи важноста на борбата против криминалот и корупцијата, истакнувајќи дека резултатите се веќе видливи. „Сите коишто живеат во Македонија – Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците и сите други – убаво си живеат во оваа Македонија и најголем дел, огромно мнозинство од тие луѓе се чесни. Сакаат ред да има. Гледаат дека има разлика од претходно. Тоа е битно. Битно е дека навистина нашата борба против криминалот и корупцијата е видлива“, изјави тој.
Еден од клучните аспекти на разговорот беше и прашањето за опремата за прислушување. Според министерот, системот кој моментално е во употреба е значително подобрен во однос на претходниот. „И така како што е поставен, навистина ценам дека се сведени на минимум можностите за злоупотреба на истиот. Секогаш е можно нешто што е ставено во функција да биде злоупотребено. Оној кој што ќе каже дека не е возможно, или се лаже себеси или ги лаже другите“, објасни Тошковски.
Министерот проговори и за прашањето на личните карти, потврдувајќи дека нивната валидност останува непроменета, согласно постоечкиот закон. „Во законот за возачки дозволи истечена е важноста со старото уставно име заклучно со 01.01.2025 година, но законот за лични карти нема таква одредба. Не беше променет од страна на овие експертиве политичари од минатото“, нагласи тој.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.