
Македонија
Вести
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најавува бескомпромисна борба со нелегалната трговија со дрога и откри дека веќе се дадени насоки и направени се планови за постапување кое во наредниот период ќе се интензивира.
„Ветив дека МВР со сите расположливи ресурси ќе започне бескомпромисна борба со нелегалната трговија со дрога и во тој контекст нема да застанеме се додека и последната улица не биде исчистена. Само во овие два дена полицијата во низа оперативни акции во неколку градови приведе повеќе лица за трговија со дрога. Апсење во Чаир и Кочани, претреси на повеќе локации низ државата“, вели Тошковски.
Што се однесува до првите казни од камерите за „Безбеден град“, министерот вели дека до крајот на оваа година ќе имаме функционално и законско решение коешто ќе биде апликативно за функционирање.
– Не би сакал да си дозволиме да го воведеме, да се стави во функција, а притоа да имаме проблем со доставување на казните. Задолжително ќе мораме да имаме период на адаптација, јас би го нарекол превентивен период каде што би укажувале, би опоменувале, но тоа да не трае до бескрај. Мислам дека е разумен период од 30-тина дена. Јас би сакал да профункционираме од Нова година – вели министерот.
Тошковски: „Сејф сити“ е круцијален за зголемување на безбедноста во сообраќајот
За убиството во Батинци вели дека Министерството мора да внимава со каква информација, со каков став излегува во јавноста. Засега, додава, имаат конкретни информации, има индиции, но не би можел во оваа фаза од постапката да каже повеќе. Најави жестока борба против овој тип на насилен криминал којшто во изминатите години бил многу зачестен.
Тошковски вели дека во МВР фалат многу работи, фали човечки кадар кој е обучен и стручен во делот на форензичари, луѓе од хемиската област кои се експерти, машинска струка и професионалци од информатичките области, фалат пилоти.
– Она што е моја болка е освен организиран криминал и висока корупција, од аспект на соодветен фокус во делот на технички ресурси и човечки ресурси, коишто треба да ги фокусираме, се управните служби. Тоа е сè што е поврзано со лични карти, пасоши, возачки дозволи. Треба да имаме систем на функционирање. Се надевам дека после четири години, ќе имаме систем што функционира. Без оглед дали ќе биде прв на институцијата кадар којшто доаѓа од десница или доаѓа од левица или не знам, доаѓа од некоја центропартија – вели Тошковски.
Околу корупцијата, како што кажа, има ист став кон сите. Објаснува дека и во техничката влада покажале дека законот важи исто за сите.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.