Од Турција веќе пристигнаа

Објавил: Калина Мартинска | 15 јули, 2024 17:44

Тошковски: Пристигнуваат „ер трактори“ и хеликоптери од Словенија, Србија и Црна Гора

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Денеска (15.07.2024), во Центарот за управување со кризи се одржа седница на Управувачкиот комитет за координација на системот за управување со кризи, со која претседаваше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а присуствуваа и министрите за одбрана Владо Мисајловски и за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, како и раководителот на Групата за процена на ризици и опасности Стојанче Ангелов.

„На седницата беше утврдена потребата да се активираат меѓународните механизми за обезбедување на помош во воздухоплови, кои ќе се вклучат во гаснењето на пожарите кои деновиве ја зафатија државата. Денеска претпладне од Турција пристигнаа два „ер трактори“ и еден хеликоптер, кои веќе активно работат на терен. Во текот на утрешниот ден ќе пристигнат два хеликоптери од Словенија и по еден хеликоптер од Србија и од Црна Гора“, потенцираше министерот Тошковски. Министрите изразија благодарност до пријателските земји кои ни помагаат во справувањето со огнената стихија.

Мицкоски очекува утре или најдоцна до задутре да биде ставена под контрола ситуацијата со пожарите

Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека во текот на утрешниот ден или најдоцна до задутре да биде ставена под контрола ситуацијата со пожарите.

Во изјава за медиумите дадена денеска во Охрид, Мицкоски рече дека покрај помошта од Турција која денеска пристигна, се очекува помош и од Србија, Црна Гора и Словенија.

Од Турција се пристигнати два авиони и еден хеликоптер. Двата воздухоплови веќе работат на смирување на охнената стихија во атарот на општината Ново Село, а хеликоптерот сега се упатува во неготинскиот крај. Очекуваме помош и поддршка, и тоа само во воздухоплови бидејќи станува збор за непристапни региони, и од Србја, Црна Гора и Словенија, рече Мицкоски.

Претходно, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов информираше дека утрината на аеродромот во Скопје слетале два авиони „ер трактори“ и еден хеликоптер кои ќе се вклучат во гаснењето на пожарите на планината Серта и на Ограджен.

Владата на барање на Кризниот штаб на Неготино во саботата доцна вечерта прогласи кризна состојба во траење од 30 дена по што вчера на терен во гаснењето на пожарите се вклучи и Армијата и полицијата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.