Средба

Објавил: Калина Мартинска | 8 октомври, 2024 12:07

Тошковски – Рокас: ЕУ со силна поддршка во реформите и креирањето на модерна и професионална полиција

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со новоназначениот амбасадор на ЕУ во Скопје, Микалис Рокас.

Тошковски упати честитки до амбасадорот за назначувањето на новата функција и изрази уверување дека одличната соработка и пријателските односи ќе продолжат како и со сите досегашни амбасадори на ЕУ во земјата.

-Европската унија е наш најзначаен партнер со поддршка преку структурните фондови, ИПА проектите и последно, преку Планот за раст, земјава може да напредува и во оваа последна фаза на нашиот пат кон целосна европска интеграција. Солидарноста летово ја видовме на дело. Благодарност до ЕУ и нејзините земји членки за асистенцијата која ни ја дадоа во справувањето со пожарите кои ја погодија земјава летово, без нивна помош, загубите и штетите по државата ќе беа непроценливи, потенцираше министерот.

Амбасадорот Михалис Рокас ги нагласи актуелните проекти и поддршката што ја добиваме од страна на ЕУ во дел на јакнење на капацитетите на МВР, посебно во делот на илегалната миграција, борбата со организираниот криминал и високата корупција и ги подвлече предизвиците на кои треба да се фокусираме за доближување кон европските стандарди.

Рокас ја изрази својата поддршка кон реформските процеси и приоритетите на министерството во борба со организираниот и сите видови криминал и корупција и обезбедување на безбедноста на сите граѓани и општеството од страна на МВР.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.