
Свет
Американски претседател Доналд Трамп во интервју за „Њујорк пост“ изјави дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, при што рече дека рускиот лидер сака „луѓето да престанат да умираат“ во Украина.
Не е прецизирано кога точно се одржал разговорот, ниту колку пати досега разговарале двајцата лидери. Белата куќа засега не дава официјален коментар за оваа изјава, а ниту Советот за национална безбедност не понуди разјаснување.
Трамп, кој и претходно најавуваше дека би можел да стави крај на војната во Украина за 24 часа доколку повторно стане претседател, изрази надеж дека конфликтот ќе заврши што поскоро.
„Се надевам дека оваа војна брзо ќе заврши. Секој ден умираат луѓе. Ова е ужасно за Украина. Сакам да го завршам ова проклето нешто“, изјави Трамп.
Трамп, кој зборуваше од претседателскиот авион на пат кон Флорида, изјави дека му наложил на својот советник за национална безбедност, Мајк Волц, да започне подготовка на средби за мировни преговори.
„Секој ден умираат млади луѓе, прекрасни војници. И на украинската и на руската страна. Ова мора да запре“, рече Трамп.
Тој исто така најави можност за скорешна средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а индиректно навести и дека ќе разговара со Путин.
„Веројатно ќе се сретнам со претседателот Зеленски следната недела, а веројатно ќе разговарам и со претседателот Путин“, додаде Трамп.
Според официјални извори, Зеленски ќе ја предводи украинската делегација на Минхенската безбедносна конференција, но засега не е познато дали Трамп ќе присуствува.
Како дел од американската поддршка за Украина, Трамп најави дека ќе бара Киев да овозможи пристап до резервите на ретки минерали во замена за воената и економската помош што ја добива од САД.
„Разгледуваме можност за договор со Украина, каде тие ќе ја обезбедат нашата помош со нивните ретки минерали и други ресурси“, изјави Трамп, критикувајќи ги европските сојузници за, според него, недоволната поддршка кон Украина.
Оваа изјава го открива можното ново позиционирање на американската политика кон Украина, имајќи предвид дека Трамп одамна ја критикува финансиската поддршка за Киев.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за „Си-Ен-Ен“ изјави дека нема официјални разговори за можен состанок меѓу Путин и Трамп.
„Сè уште нема иницијален контакт за тоа дали треба да има средба, а доколку има, кога и како“, изјави Песков.
Сепак, според руски медиуми, висок руски функционер изјавил дека се во тек „напредни подготовки“ за можен состанок помеѓу Путин и Трамп, кој би можел да се одржи веќе овој месец.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.