Парламентарни избори

Објавил: Калина Мартинска | 14 мај, 2024 22:27

Трајанов: Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди 63 – 64 пратеници без „ВРЕДИ“

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов најави дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, на која од неодамна припаѓа и неговата партија, наскоро ќе обезбеди вкупно 63-64 пратеници. Тој не откри  кои новоизбрани пратеници смета ВМРО-ДПМНЕ.

Во гостување на ТВ24, Трајанов нагласи дека зборува за бројки без да ја има предвид бројноста на идната пратеничка група на коалицијата Вреди.

На извесен начин, лидерот на Демократски сојуз наговести дека зборува „премин“ на идни пратеници од „помалите партии кои порано, но и сега се дел од коалицијата предводена од СДСМ.

Според него, вака широко организиран фронт на ВМРО-ДПМНЕ му е потребен за да се изгласаат измени на Законот за Влада со цел да се дојде до реализација на изборните ветувања за нова структура на Владата со нови ресори или со укинување и прегрупирање на некои од нив, како и на многу агенции.

Во контекст на свечената заклетва на претседателката Силјановска Давкова, Трајанов рече дека очекува набрзо да се стиша галамата. Тој рече дека секако мора да се почитуват меѓународните договори но и да се покаже поголем сенс за нашите идентитетски одредби и потреби од страна на соседите Грција, Бугарија, а потоа и од САД и ЕУ.

Види и ова: ВМРО-ДПМНЕ ќе ги задржи позначајните министерства и функции – magazin.mk

ДИК прифати седум од 27 приговори

ДИК, пак, откако разгледа 27 приговори од партиите, прифати седум, и тоа шест во „петката“ и еден во Шестата изборна единица.

Во Петтата изборна единица, прифатени се приговорите за избирачките места 1.272 во Охрид, 1.194 и 1.202 во Крушево, 1.844 во Струга, 1.470 и 1.470/1 во Долнени. Во „шестката“ прифатен е еден приговор за избирачкото место 2.102 во Желино.
Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението.

Управниот суд, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием. По ова, ДИК ќе прави процена дали прегласувањето ќе влијае на изборните резултати, по што ќе донесе одлука дали на тие избирачки места ќе се прегласува.

Според партиски извори, вкупниот број запишани гласачи на тие избирачки места во „петката“ е 3.521 избирач, што може да влијае на промена на резултатот. Според математиките, ако коалицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 300 гласа повеќе од актуелниот резултат, тогаш може да го добие единаесетиот мандат во „петката“ на сметка на Европскиот фронт, односно ДУИ, која би го изгубила четвртиот мандат во таа изборна единица. Исто така, шанси за мандат има и кандидатот од ЛДП, Боби Мојсовски, доколку неговата коалиција освои 110 гласа повеќе од сегашниот резултат. Тогаш пратеник би станал Мојсовски, а ќе отпадне Исмаил Јахоски од ДУИ.

Коалицијата „Вреди“, пак, има шанси за плус пратеник во „шестката“, на сметка на Европскиот фронт.
Калкулациите се дека ако ВМРО-ДПМНЕ добие плус мандат во „петката“, ќе има 59 пратеника, „Вреди“ би имала 14 пратеника, а можно е ако ЛДП ја смени страната, владејачката партија во Собранието да добие 61 пратеник, односно да има апсолутно мнозинство.

Европскиот фронт реагира дека со надгласување во ДИК сакаат да ги одземат нивните мандати за оваа коалиција, предводена од ДУИ, да не биде втора политичка сила во Македонија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.