Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.
Тројца приведени, две жени завршија на Токсикологија
Денеска (09.04.2024) околу 09.45 часот во СВР Скопје е пријавено дека настанал пожар во Универзалната сала во Скопје, соопшти министерството за внатрешни работи.
Веднаш по добиената пријава, на лице место се упатени полициски службеници и припадници на Бригадата за противпожарна заштита, кои околу 11.30 часот го изгаснале пожарот. Со возило на Итна медицинска помош во Клиниката за токсикологија се однесени две лица Е.С. (48) и А.Т. (41) поради вдишување на чад.
Од страна на екипи на ЕВН во целата околина на салата е прекинато снабдувањето на електрична енергија, при што на ул. „Петар Поп Арсов“ во лифтовите на зградите имаше заглавени две жени, кои беа извлечени од страна на Единицата за интервентна полиција. Во врска со пожарот, во ПС ОН Центар се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот и тоа Б.Р. (50), З.Т. (60) и Б.И. (53). Се преземаат мерки за расчистување на случајот, стои во соопштението на МВР.
По пожарот што претпладнево изби во Универзалната сала, две женски лица биле однесени на Токсикологија, потврди за МИА професор доктор Нико Беќаровски од оваа клиника.
Класично повредени, нема. Има само две женски лица, на средни години, кои се донесени поради мала изложеност на гасови, од соседната зграда. Тие во моментот на настанот, излегле до балкон на кратко, отвориле врата. Станува збор за мала количина на гас. Лицата се добри, по неколкучасовна опсервација ќе бидат пуштени дома, појасни Беќаровски.
Пожарот го гаснеа девет противпожарни возила и 24 пожарникари
Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески изјави дека уште не се познати причините за пожарот што претпладнево избувна во Универзалната сала во Скопје. Како што рече, причините дополнително ќе ги утврди полициската екипа. Тој напомена дека нема повредени затоа што во моментот немало градежни работи.
Томески рече дека за кратко време пожарот бил ставен под контрола иако имале висока температура во самиот објект. Како што посочи, вкупно интервенирале со девет противпожарни возила и 24 пожарникари.
За среќа немало работници внатре за време на пожарот
Пожарот во Универзалната сала се случил во стариот дел и гореле стари материјали, иверки, плочки, новиот дел не е зафатен, изјави Лазар Арсовски, сопственик на „Универзал Балкан“-Скопје, фирмата изведувач што го реконструира објектот. Претпоставува дека е можно да бил предизвикан од стар кабел или од старата инсталација и рече дека во моментот на пожарот внатре немало нивни инженери и работници зашто денеска немале градежни активности.
„Имаме среќа што целата инфраструктура внатре – од столчиња, сценски технологии итн. е извадена надвор и гореше, всушност, старата конструкција, стари иверки, ѕидови, плочки итн. Само еден инженер беше вон салата, во нејзините канцеларии, и имавме чувари, двајца работници, но денеска немавме никакви интервенции и седеле на работното место. Во прв момент, претпоставуваме дали стар кабел, не можеме да знаеме сега. Некоја стара инсталација, тргнал чадот, никој немало во салата. Моите мајстори пробале со противпожарен апарат да го изгаснат, тоа се иверки стари со години, суви и брзо горат. За половина час таа самата скоро се изгаси затоа што нема што да гори во неа,“ рече Арсовски.
Прочитај и повеќе информации на следниот линк:
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.