Македонија бележи континуиран раст во туризамот, само минатата година од оваа гранка во економијата се имаат слеано околу 600 милиони долари, а дури 4,7% од вкупниот број на вработени се во туристичко-угостителскиот сектор.
Експертите категорични. Македонија располага со сите адути да стане земја на екотуризам. Природното опкружување е се уште сочувано, бројните национални паркови, планините, езерата, реките, шумите, пештерите, кањоните, сето тоа се места кои можат да се развијат во одлични туристички дестинации само треба добар план и стратегија.
„Македонија е туристички неоткриена дестинација и имаме многу места, многу сајтови на кои што има историски споменици и останати содржини кои што се погодни за екотуризам, досега не ги комерцијализиравме и тоа е добро од една страна затоа што тие се непроменети, останати се такви какви што се создадени, какви што се направени и претставуваат извонредна можност за развој на екотуризмот во Македонија“, рече претседателот на комората за информатичко комуникациска технологија и услуги при Сојузот на стопански комори на Македонија, Орце Симов.
Акцентот треба да се стави на екотуризмот бидејќи тој е најбрзорастечка форма на туристичка понуда во една земја, велат експертите и потенцираат дека, на светско ниво растот на оваа гранка е меѓу 20 и 40% на годишно ниво.
„Македонија последната стратегија за рурален туризам која што екотуризмот и останатите алтернативни форми се вградени заврши во 2017 година. Се надевам дека новото министерство за туризам и култура ќе овозможи уште поголема позитивна клима како во сите регионални земји и ќе ни овозможи многу полесна клима за работа и инвестиции во туризмот,“
Интерес за екотуризмот се разбуди и кај стопанските комори. Од Сојузот велат овој тип на туризам е индустриска гранка која може да придонесе за поголема раздвиженост во економијата.
„Ние сметаме дека сите овие настани кои помагаат во развиањето на туризмот особено на ваквиот тип на рурален туризам еко туризам иниовативниот начин на делување на туризмот сметаме дека се наша перспектива и во следниот временски период мора да се работи на нивно развивање и усовршување“, изјави претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангеловски.
На петтиот еко-форум кој се одржа денеска во Скопје, учествуваа и здруженија од регионот, кои ги пренесоа нивните искуства и практики за тоа како успеваат да ги заштитат и промовираат природните богатства во нивните земји и како оваа гранка се развива и допринесува за позитивен економски развој кај нив.
„Кај нас се повеќе се развиваат тие рурални подрачја. Одлични носители на екотуризмот се прво заштитените подрачја како националните паркови и природните паркови и друг вид на заштита. Токму затоа што во нив работи професионален кадар, оспособени за тоа“, рече Дијана Катица, претседателка на хрватското здружение за туризам и рурален развој на „Клуб членови на село“.
На денешниот форум чествуваа експерти во областа на екотуризмот и руралниот развој од земјава и од регионот, кои во изминатите години придонеле за неговото регионално етаблирање и развој.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.