Сијарто ги оцени како позитивни напредокот на Србија и Црна Гора, при што повика Европската Унија наредното лето да отвори преговори за членство за Македонија и Албанија

Објавил: Мирко Бачиќ | 12 декември, 2018 5:36

Унгарија повика ЕУ да започне преговори за членство со Македонија

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто изјави дека забрзувањето на европските интеграции на Западен Балкан е „најдобро оружје“ за одржување на безбедноста и стабилноста во регионот на долги патеки.

Унгарскиот шеф на дипломатијата ги повика своите колеги од земјите членки на ЕУ да започнат преговори за членство со Македонија.

Ја поздравуваме Македонија која е на чекор од членство во НАТО и апелираме Европската унија да започне преговори за членство со Македонија и Албанија наредното лето. – рече Сијарто, честитајќи им при тоа на Србија и Црна Гора за отворањето нови поглавја во преговорите за пристапување кон ЕУ.

Говорејќи на Конференцијата за сеопфатна контрола на малокалибарското и лесно оружје на Западниот Балкан, што се одржа во Париз, Сијарто истакна дека Унгарија им помага на Македонија и Србија во граничната контрола, не само кога станува збор за илегалните мигранти, туку и кога е во прашање илегалната трговија со оружје.

Тој оцени дека земјите од Западен Балкан ги прекинале „опасните трендови создавајќи линија на одбрана на Европската унија“.

Мораме да водиме сметка за безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, затоа што тоа има влијание на цела Европа. – изјави Сијарто, оценувајќи дека заканата од тероризам никогаш не била толку голема во Европа, поради што е потребно соодветно да се одговори.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.