Уставен суд

Објавил: Калина Мартинска | 4 декември, 2024 16:17

Уставен на 11 декември ќе решава за Законот за јазиците,поднесени 13 иницијативи

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

За точно една недела Уставниот суд ќе решава за судбината на Законот за употреба на јазиците.

По 5 години од неговото донесување и во зовриена меѓуетничка атмосфера, уставните судии на седница во среда ќе ги разгледаат 13-те иницијативи со кои се оспорува законот, како и начинот на кој беше донесен. Подносители на иницијативите се граѓани, здруженија, политички партии, меѓу кои и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како и универзитетски професори кои укажуваат и на процедурални и на материјални аспекти на неуставност на законот. Меѓу нив е и Тодор Петров, претседателот на „Светскиот македонски конгрес, кој очекува негово поништување, бидејќи како што вели Македонија е унитарна, а не бинационална држава.

-После 5 години молк по иницијативите, конечно Уставниот суд треба да го поништи Законот за употреба на јазиците како предуслов Владата и Собранието да почнат постапка за донесување на нов закон за употреба на јазиците на малцинствата. Имајќи ги предвид сите забелешки од претседателот на Републиката од 17 јануари, 2018г. Оценувајќи како неуставен и забелешките од Венецијанската комисија од ЕУ. Во извештајот на Венецијанска од 2019 година се вели дека законот за употреба на јазиците е нејасен непрецизен, конфузен, неприменлив, внесува правна несигурност и е неконзистенен, спротивно на европските стандарди,- Тодор Петров – претседател на „Светски македонски конгрес“.

Сепак, дали за предметот ќе се одлучува на истата седница во среда, ќе зависи од тоа дали на неа ќе присуствуваат сите 9 судии, согласно заклучок на Судот. Во пресрет на конечната одлука, претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, во неодамнешното гостување во „Само интервју“ рече дека освен укинување и поништување, опција за судот е да му даде рок од 6 месеци на Собранието да ги промени одрдбите што би биле спорни, а можно е да повикаат и експерти од Венцијанската комисија.

-Сите опции се во игра. И подготвителна за материјалниот дел. Венецијанската комисија излезе со мислење за законот, но ние имаме право да побараме amicus curiae, тоа се вика пријателски совет ако утврдиме спорни правни прашања. Како суд, за да ги амортизираме сите овие обвинувања за наводно етничко, па политичко постапување, јас како претседател а верувам и моите колеги сме спремни на некој начин да ги разубедуваме политичарите а воедно да им се обраќаме на граѓаните, дека нашите одлуки ќе бидат уставно втемелени, изјави Костадиноски.

Освен тоа што со инцијативи се оспорени скроо сите членови од Законот, оспорен е и начинот на кој тој беше донесен и стапи на сила, без потпис од тогашниот претседател Ѓорге Иванов кој оцени дека тој закон е противуставен и ја загрозува унитарноста на државата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.