Турканиците, понижувањата и хаосот што настана по Нова година кога граѓаните не можеа да закажат термин и да извадат пасоши и лични документи, ќе останат неказнети.
Иницијативата што ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ уште во јануари додека беше во опозиција, дури вчера се најде на седница на Уставниот суд, а уставните судии одлучија да не поведат постапка.
Партијата го спореше рокот за издавање пасоши и тогаш тврдеше дека Уставниот суд може да го продолжи рокот со времена мерка, односно старите пасоши да важат и по 12 февруари.
Со одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка, не постои можност овој член да се поништи, ниту пак граѓаните можат да тужат и да ги бараат своите права пред Уставниот суд. Судот цени дека хаосот може да биде предмет на одговорност пред други надлежни органи, но не и пред Уставен.
Партијата го оспори членот 3 од Законот за патни исправи и бараше Судот да го продолжи рокот за издавање пасоши, односно да се преиспита дали на граѓаните им се нарушени уставно загарантирани права на слободно движење и други слободи и права.
Сепак, како што предложи судијата известител Јадранка Дабовиќ, а никој од уставните судии не се произнесе „против“, членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи не е во спротивност на Уставот, а неговото спроведување во практика не е во надлежност на Судот, туку на Владата.
Според судијката известител, рокот што е даден за промена на документите – до 12 февруари 2022 година – е усогласен со уставните амандмани од Преспанскиот договор, кој беше изгласан во 2019 година, односно меѓународниот договор со кој се смени името на државата, па мораше да се менуваат и личните документи. Како што објасни Дабовиќ, судот единствено ја оценува уставноста на оспорениот член, но не е надлежен за несоодветната имплементација, а како аргументи ги истакна тоа што граѓаните имале рок од две години и седум месеци да ги заменат личните документи. Згора, имало и ковид-криза, а за тоа дали граѓаните биле информирани или не, Уставниот суд се прогласи за ненадлежен.
Според иницијативата што ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, државата сама го декларирала рокот на истекување на важноста на патните исправи на печатените обрасци во моментот на издавање на секоја патна исправа, за потоа со закон да го измени на директна штета на граѓаните. Според иницијативата, истекувањето на рокот на важност порано од декларираниот рок на документите што го наметнала државата, ги ставила граѓаните во состојба на изгубена правна заштита и правна сигурност.
Уставен расправа дали граѓаните се оштетени со предвременото менување на пасошите и личните карти
Партијата тврдеше дека со промената на датумот на важност, сите лица што извадиле патна исправа во периодот од јули 2014 до јули 2021 година (кога стапува на сила оспорениот закон) се ставени во нееднаква/дискриминирана позиција, во споредба со сите други лица затоа што се обврзани на свој двоен трошок повторно да извадат патна исправа. Тоа значи дека за истата услуга некои граѓани платиле двојно, независно од тоа што совесно и одговорно си ги промениле своите документи.
Според наводите во иницијативата, поради оперативна и техничка неможност за издавање стотици илјади патни исправи во предвидениот рок до 12 февруари 2024 година, дури и под услов сите лица да аплицирале до наведениот термин, управните служби на Министерството за внатрешни работи не ќе можеле да ги изработат сите документи во наведениот рок.
„Подносителот тврди дека стотици илјади граѓани нема да бидат во можност да ја напуштаат Републиката и да се вратат во неа по наведениот датум, а тоа ќе има ефект врз нивната слобода на движење, како и врз стопанскиот промет во државата. Поради неверојатниот метеж при аплицирање и подигање на документите, граѓаните се приморани дополнително да го бранат сопствениот морален интегритет од разните форми на понижувачко однесување на институциите, но и на граѓаните што за да го остварат сопственото право, го нарушуваат правото на другите“, пишуваше во иницијативата.
Хаосот настана по Нова година, кога редици граѓани чекаа со часови за промена на личните документи, притоа не можејќи да ја напуштат земјата, а термини се закажуваа со задоцнување од неколку месеци. Тогашната опозиција, а сега владејачка партија, за хаосот го обвинуваше поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Зошто иницијативата се најде сега пред Уставен?
Од Уставниот суд објаснуваат зошто иницијативата стигна на дневен ред сега и објаснуваат за смената на претседателските места и закажувањето на дневниот ред.
Судијата-известител на овој предмет при своето излагање на денешната седница напомена дека рефератот за предметот од советникот го добил на 11.04.2024 година, период во кој се прибирани мислењата од Собранието и МВР и е направена анализата, а го предал предметот како завршен на 27.05.2024. Следниот ден на 28.05.2024 година е одржана последната седница од мандатот на тогашната претседателка Добрила Кацарска, чијшто дневен ред е веќе закажан една недела претходно. Следните денови почна постапката за избор на нов претседател на Уставниот суд. По започнувањето на мандатот на претседателот д-р Дарко Костадиновски, динамиката на подготовка на дневните редови за седниците зависи од бројот на предмети кои се доставуваат тековно или веќе биле доставени, по чијшто редослед е утврдена и денешната седница, велат од Уставен.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.