
Македонија
Вести
Непоправлива штета за правната држава и правниот поредок донесоа промените во Кривичниот законик, кои во своето владеење ги донесоа СДСМ и ДУИ. Уставниот суд му даде рок од шест месеци на Собранието да ги поправи штетните измени, инаку законот ќе биде поништен или укинат. Претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски кажа дека според оцената на мнозинството судии повредени биле и формалната и материјалната уставност.
„Законодавецот донел закон со непоправлива штета за правната држава и стојам на тој став. При расправата за одлучувањето, доминираа два сета на уставно правни аргументи. Првиот поврзан со формалната уставност, вториот сет со материјалната уставност на законот. Судот и по двете основи, односно мнозинството судии, бидејќи одлуката беше донесена со мнозинство и по двата основи оцени дека основано може да се доведе под сомнеж уставноста на законот во целина“, изјави Костадиновски.
Измените во кривичниот законик во 2023-та, уште тогаш предизвикаа бура реакции во јавноста, дека со тоа тогашната власт на тој начин се обидува да ги спаси своите функционери од високи затворски казни за сторени криминали. Според Костадиновски, сите сме требале да бидеме свесни за општествената реалност во која живееме, каде има дефицит на одговорност, суфицит на неказнивост и пандемија на коруција и злоупотреба на јавните функции. Токму поради тоа Собранието морало да води грижа кога ја формирало казнената политика.
„При нормирањето или при измена и дополнување на веќе нормирани односи во општеството и Собранието, исто како и Уставниот суд имаат должност да водат сметка за она што се нарекува реален Устав, непишан Устав, она што значи уставна стварност, општествена реалност во која живееме. За жал по оцена на судиите Собранието се апстрахирало од ваквата реалност“, изјави Костадиновски.
Измените предизвикаа жестоки реакции и кај правната фела, но и Европската комисија, бидејќи се однесуваат на членови што ги ублажуваат казните кои се однесуваат на функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, а беа донесени за два дена. Предложените законски измени беа изгласани со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, по што беа потпишани од тогашниот претседател Стево Пендаровски.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.