Уставните судии Албанци ќе ја бојкотираат седницата на Уставниот суд на 11 декември на која ќе се одлучува за уставноста и законитоста на Законот за употребата на јазиците. Засега ова јавно го потврдија вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи и уставниот судија Осман Кадриу.
Доколку следната среда на седницата не се појават судиите од немнозинските заедници, неизвесно е дали ќе се донесе одлуката или не, затоа што претседателот на Уставниот суд Дарко Костадинов неодамна најави дека одлуката треба да се донесе со учество на сите 9 уставни судии.
Вицепремиерот Фетаи вчера во Брисел на конференцијата „Пријателите на Европа“ најави проблеми во одлучувањето по Законот, а додаде и дека е неизвесно е што ќе се случува по одлуката на Уставниот суд.
– Во наредните неколку дена очекувам проблеми поради Законот за употребата на јазиците, кој беше оспорен во 2018 година и ќе видиме што ќе произлезе од тоа. Денеска дознав дека уставните судии кои се дел од немнозинските заедници нема да присуствуваат на седницата – рече Фетаи.
Коментирајќи ги состојбите во судството, вицепремиерот Фетаи рече дека Уставниот суд не е имун на сето она што се случува во судскиот систем во Македонија.
Уставниот судија Осман Кадриу во интервју за Алсат потенцира дека не е точно дека пред Уставниот суд се оспорени само 2-3 члена од Законот за употреба на јазиците, како што се презентира во јавноста, туку 18 члена, кои се поднесени преку 13 иницијативи од 46 субјекти, вклучувајќи академици, професори и политички партии.
Според него, не е споменато дека е оспорен членот во кој во заграда е напишан албанскиот јазик.
– Во досегашното мислење беше кажано дека се оспорени 2-3 одредби. Не! Оспорени се 18 одредби. Доколку се оспорат 18 одредби од Законот за јазиците, тоа значи оспорување на половина од законот. Ако Судот со мнозинство гласови ги прифати забелешките и ги укине, тогаш немаме закон. Инаку, еден од споровите оној за употребата на терминот албански јазик, кој се користи во две одредби од законот – вели уставниот судија Кадриу во интервју за Алсат.
Кадриу рече дека заедно со неговиот албански колега, Насер Ајдари, и понатаму остануваат на ставот дека нема да учествуваат на седницата на 11 декември, затоа што за нив не е разумно да се дел од мнозинство што ќе донесе одлука во врска со прашања од албански национален карактер.
Уставен на 11 декември ќе решава за Законот за јазиците,поднесени 13 иницијативи
Опозициската ДУИ утрово предупреди дека секој обид за укинување на членови од Законот за употребата на јазиците е „директен удар врз стабилноста и мирот кои оваа земја ги изгради со многу жртви“.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.