Воздвижение на Чесниот Крст или Крстовден е значаен христијански празник од есенскиот циклус, еден од 12-те големи празници, којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 14 септември, односно на 27 септември по стариот календар.
Крстовден е празник на пост и покајание. Овој ден се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос, наречен Чесен Крст, и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст.
Црквата празнува два празника поврзани со Чесниот Крст, зимскиот Крстовден или Водокрст(18/5 јануари) е посветен на стариот обичај според кој на овој ден биле крштевани оние што го примале христијанството, а есенскиот Крстовден, под името Воздвижение на Чесниот Крст се празнува во чест на наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос. Овој настан и се припишува на царицата Елена, мајката на славниот цар Константин, основачот на Цариград (Константинопол).
Во почетокот на IV век Римското Царство била поделена меѓу четири совладари- кесари. Со Италија и престолнината Рим владеел Максениј, користољубив и свиреп човек кој го искористувал и малтретирал народот.
Поради тоа народот побарал помош од Константин кој во тоа време владеел со териториите каде што денес се наоѓаат Англија, Франција и Шпанија. Царот Константин со својата војска тргнал на Рим и пред борбата со Максцениј во 312 година еден ден попладне на небото видел нишан – светол крст и напис: „Ова победува.“ Тоа го виделе и неговите војници. Потоа следната ноќ на царот Константин и во сонот му се јавил Исус Христос со истиот знак и му рекол да направи војнички знак како тој што го видел на небото, да го носи пред војската и ќе го победи многу посилниот непријател. Утрото им го раскажал сонот на своите пријатели и веднаш повикал златари за да го направат крстот онака како што тој им го опишал.
А неговиот опис бил следниов: На копје покриено со злато имало пречник што со копјето правел крст. На врвот од копјето имало венец од злато и бесценети камења, а на венецот првите две букви од Христос: Хр. Овие две букви подоцна царот ги носел на шлемот. На пречникот висела тенка пурпурна ткаенина навезена со злато и покриена со бесценети камења. На копјето под самиот крст, на горниот дел од ткаенината биле насликани во разни бои ликовите на царот и неговите деца. Со овој знак Константин влегол во борба против Максцениј кој бил утврден во близината на Рим и лесно го победил. Со многу војници Максцениј се удавил во Тибар на 28 октомври 312 година. Царот Константин влегол во Рим, радосно пречекан од населението, затоа што го ослободил градот од тиранинот.
Подоцна Константин со овој знак извојувал повеќе победи. Царот Константин среде Рим подигнал споменик на овој знак со што означил дека овој знак е чувар на Римското Царство. Подоцна изградил и статуа со својот лик, со крст во десната рака и со напис на латински јазик. „Со овој спасоносен знак што е сведоштво на вистинската храброст го ослободив вашиот град од јаремот на тиранското владеење, на сенатот и на римскиот народ им ја вратив слободата и поранешниот украс и сјај.“Уште двапати царот Константин имал чудни привиденија со Чесниот Крст и двата пати извојувал значајни победи.
Славење и обичаи
Македонскиот народ го празнува Крстовден како тежок празник. Тогаш не се работи и се пости „за крст“. Во Радовиш во црквата попот раздавал китки кои се чувале за здравје и за лек од уроци. Во Гевгелиско спроти овој ден свештеникот одел по куќите и светел вода, а жените земале од котлето вода за замесување на квасец. Свештеникот читал молитви за богат род и ги пеел семињата за новата сеидба, а тоа го правел и на самиот ден на Крстовден.
Во записите на Христо Шалдев за Гуменџе се вели дека тука гроздоберот секогаш станувал околу Крстовден. Во Дебрца Крстовден се смета за тежок празник и се држи како тежок пост. На овој ден не се јаде ништо мрсно дури ни растително масло. Вечерта спроти Крстовден од полето се носи грав, пченка, компири, лубеници, грозје и др. Утрото се оди во црквата каде што се раздава за здравје.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.