Се очекува летните температури да достигнат натпросечни вредности

Објавил: Калина Мартинска | 11 јуни, 2024 11:53

УХМР: Се очекува летово да биде сушно и натпросечно топло

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Со голема веројатност се очекува дека летото 2024 ќе биде топло и сушно. Според анализите за целиот југоисточен регион на Европа, се очекува летните температури да достигнат натпросечни вредности.

За територијата на Македонија постои многу голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности и до 3°C. Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот од повеќегодишните просеци за оваа сезона се очекува да биде во месец јули, покажува анализата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Несигурноста кај регионалните прогнозирања за врнежите е секогаш поголема во однос на температурата. Ако се набљудува медитеранскиот регион, тогаш нема јасен сигнал за врнежите и можеме да кажеме дека ќе бидат просечни. Но, доколку се ограничиме на регионот на југоисточна Европа, тогаш локалните фактори и локалната варијабилност на регионално ниво, со поголема веројатност ни дава сигнал за намалување на врнежите во однос на повеќегодишниот просек. Се очекува целиот југоисточен регион на Европа да има врнежи под просечните. Најголемо негативно отстапување на врнежите за оваа сезона се очекува да биде во месец јули. Во планинските делови постои голема веројатност дека просечните врнежи ќе бидат надминати поради епизоди на засилена конвекција и појава на обилни врнежи, наведуваат од УХМР.

Многугодишниот просек (1981-2010) за температурите на воздухот во летната сезона се движат од 16.0°C во планинските предели до 25.3°C измерени во Гевгелија. Врнежите во овој период се во границите од 23.9mm измерени на метеоролошката станица во Штип до 96,7mm во Маврово.

Многугодишниот просек (1981-2010) на температурата на воздухот во Скопје за јуни, јули и август изнесува 21.9°C, 24.2° и 23.9° C, соодветно.

Многугодишната (1981-2010) просечна количина на врнежи во Скопје за јуни, јули и август изнесува 44.0mm, 37.6 mm и 34.4mm, соодветно.

Сезонскиот изглед на времето е научен пристап што овозможува информации за климатските карактеристики за неколку месеци или сезони однапред. Во престојната летна сезона секако постои веројатност да се јават периоди со исклучително топло и сушно време, како и веројатност за изразени негативни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата, но и влажни продори. Повремено може да доминираат субсезонски варијации, што не се предвидливи долго време однапред, па затоа силно се препорачува редовно ажурирање на прогнозата, нагласуваат од УХМР.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Македонија