Предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во фаза на истрага кои беа преземени од редовното обвинителство седат во кутии и поради тоа некои осомничени лица за измами и злоупотреби место да бидат на обвинителна клупа во судница, тие делат правни совети како треба да се води истрага за надоместоците во СЈО, изјави денеска обвинителката Фатиме Фетаи одговарајќи на новинарско прашање пред одржувањето на судското рочиште за „Монструм“.
-Целта на преземањето на предметите беше да нема застој, а истрагите седат во кутии и затоа некои осомничени лица за измамнички дејствија и за поттикнување злоупотреби место денеска да бидат во судница на обвинителна клупа, тие мавтаат со лажни бројки и делат правни совети како треба да се води истрагата за надоместоците на обвинителите од СЈО. Буквално, ние сме само магационери и архивари на предметите што се во фаза на истраги, а има истраги кои се готови, спремни за обвиненија, рече Фетаи.
Таа додаде дека конкретно зборува за „Моќник“ и осомниченото лице Антонио Милошоски кој, според Фетаи, „место да си подготвува одбрана за во судница, доколку се разбира ни беа поделени предметите, тој излегува по медиуми и дели правни совети дека хонорарите во СЈО треба да се иследуваат како злоупотреба и проневера“.
Обвинителката Фетаи рече дека специјалните јавни обвинители работеле месечно за плата што е соодветна на платата што им се дава на лицата на оваа функција каде било во регионот, додавајќи дека нивните плати биле само за 300 евра повисоки од тие на обвинителите.
За потсетување, Антонио Милошовски преку својот Фејсбук проифил напиша дека превисоките хонорари во СЈО да се иследуваат како злоупотреба и проневера.
Според позитивните законски прописи во Македонија доделувањето на спорните и превисоки хонорари во стотици илјади евра од државниот буџет, од Катица Јанева сама на себе, како и на останатите обвинители, службеници и вештаци во СЈО, би требало да се иследува според член 353 став 5 од КЗ (злоупотреба на службена положба) и член 354 став 3 (проневера во службата)- напиша на Фејсбук, Антонио Милошоски.
Понатаму тој вели:
Ова особено се однесува на периодот после јуни 2017 година од кога СЈО, Катица Јанева ниту било кој нејзин помошник обвинител не се овластени тужители за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка.
Како олеснителна околност за секој од помошниците обвинители од СЈО би требало да се цени гестот доколку некој од нив одлучи да го врати во државниот буџет незаконскиот дел од високите суми за доверливост, добиени надвор од редовните месечни примања, кои секако биле најмалку три пати повисоки од примањата на нивни колегаи обвинители во ОЈО – пишува на Фејсбук, Милошоски.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.