Филипче посочи дека целиот стручен кадар, изминатиот период работеше за подготвување за есента, и рече дека нема да дозволи да се преоптовари здравствениот систем.

Објавил: Катерина Крстиќ | 6 октомври, 2020 22:47

Филипче: Зголемениот број на заболени од Ковид 19 е доказ дека пристигна очекуваниот есенски бран!

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

По денешната бројка од 225 нови случаи на заболени од Ковид 19 и 8 смртни случаи, министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил напиша дека зголемувањето на бројот на новозаразени покажува дека се случи она за кое постојано предупредуваа, односно дека пристигна очекуваниот есенски бран.

– Од денес веќе и инспекциите имаат поголеми надлежности и тие максимално посветено ја работат својата работа. Верувам дека надлежните ќе направат сѐ да ги санкционираат неодговорните граѓани. Сепак, ќе повторам нешто во што силно верувам од самиот почеток. Ниту инспекторите, ниту полицијата, ниту здравствените работници не може да се справат со несовесноста на некои граѓани и компании, посочи Филипче.

-Со денешната повторна висока бројка на новозаболени, станува јасно дека влегуваме во очекуваниот есенски бран. Иако, многумина не веруваа во најавите дека тој ќе се случи, сепак се докажува дека очекувањата беа реални. Цела Европа во моментов се соочува со нова криза и во повеќе земји има силни рестрикции и нови мерки. Разбирам дека кај сите има голем замор од оваа состојба и дека буквално ви е преку глава од коронавирусот. Но, верувајте дека заморот е уште поголем кај здравствените работници. Тие седум месеци деноноќно работат да ја одржат состојбата под контрола, напиша Филипче на Фејсбук.

Филипче посочи дека целиот стручен кадар, изминатиот период работеше за подготвување за есента, и рече дека нема да дозволи да се преоптовари здравствениот систем.

Како министер нема да дозволам да се преоптовари здравствениот систем и да нема кревети за лечење. Нема да дозволам да клекнат на колена колегите од замор. Рестрикции и мерки ќе носиме секогаш кога ќе процениме дека тоа е единствен начин да се заштити системот и јавното здравје. Тоа е наша одговорност и должност. Мерките и рестрикциите не се ничија желба или хир. Едноставно мора да разбереме дека тие се единствените алатки кои ни се на располагање за да се заштитиме. Го разбирам целосно гневот на оние кои доследно ги почитуваат постоечките мерки кои се на сила од почетокот и со нив ефикасно се штитат. За многумина препораките за одржување дистанца, носење маска и редовна дезинфекција се доволни мерки. Во оваа прилика сакам да им изразам голема благодарност и да им честитам на свесноста и совесноста. За жал, новите мерки кои ги носиме мора да се однесуваат за сите и едноставно не може парцијално да се применуваат само онаму каде има непочитување на основните три, напиша Филипче на ФБ.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести