Малку вистина, се меша со малку хумор, откиснува една недела и се добива здрава сатира!

Објавил: Мате Парлоф | 5 декември, 2018 1:21

Филипче ја одбрани брокулата!

Фото/Текст извор: ©магазин

Лебот

Што народ ќе бевме, никако да ни се погоди. Поскапел лебот од 15 на 18 денари, и одма негодувања и критики кон власта. Чудо големо, 3 денари пари ли се. Па ние за многу сме сиромаси, а не за кусурот од три денари. И никако да научиме да бидеме благодарни на тоа што го добивме пред ова поскапување. Нели пред некој ден портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, убаво не потсети дека власта прво ја укина радио-дифузната такса, потоа дека е вратена ефтината тарифа на струјата, исто така и пензиите биле во статистички пораст, а најважното е дека просечната плата за две години пораснала околу 2.000 денари. Тоа значи дека и платата на мајка му на Костадин Костадинов, која како единствен професионалец се вработи во Централен регистар во Струмица, платата од 25.000 денари, за две години ќе и се покачи на 27.000 денари. Тоа е таа стабилност и перспективност. Па добро бре луѓе, на сите овие покачувања на стандардот, на овој раст на плати и пензии, нели беше редно нешто и да поскапи. И ете, во консултации со министерот за здравство, кој категорично укажал дека брокулата е поздрава исхрана од лебот, паднала одлука да поскапи само лебот. Значи, поскапувањето ем е минимално, ем е за ваше здравје, и доколку од три пати се навикнете на два пати дневно леб, ќе му дојде нешто како хроно диета. Бидете му благодарни на Филипче.

И покрај притисокот, министерот за здравство Филипче не дозволил поскапување на брокулата. Затоа поскапувањето на лебот се смета за негов индиректен придонес кон здравјето на нацијата.

Воздухот

Шилегов пред изборите изјави дека загадувањето на воздухот во Скопје тој знае да го реши на ефикасен начин. И вистина, има ли поефикасна заштита на грлото од 2 чаши “Чивас Регал“ околу 9 часот наутро, и повторување на постапката со уште 4-5 чаши меѓу 19-22 часот навечер, за конкретна дезинфекција на системот уво-нос-грло. Значи лекот е пет пари, но треба да знаеш и треба да си дисциплиниран. Оваа терапија Шилегов ја препорачува во друштво, бидејќи на тој начин доброволно се ставате под надзор на другарите, мора да се напиете од Чивасот и нема како да ескивирате. После терапијата ставате заштитна маска со филтер, за дома да не ве осети сопругата, која може да има и предрасуди кон овие нови евро-атлански методи кои со нашиот градоначалник ги споделиле лично и персонално Жан Клод Јункер и Јоханес Хан.

Заменикот министер за екологија Јани Макрадули во последно време пријатно изненадува. Во цела испаниченост на населението од загаденоста на воздухот со канцерогените ПМ10 честички, прво не успокои со статистиката, а потоа ни ги отвори очите со новото научно сознание дека и поленот е ПМ честичка, и дека затоа не треба да “лупетаме“ се и сешто и да ги проколнуваме сите ПМ честички во афект. Затоа стиснете заби и издржете до март. Власта цврсто ветува дека со измената на уставот ќе дојде и пролетта, а со пролетта и миризливиот дел од ПМ честичките. До март, пуштете бркови, по можност како тие на Макрадули или подолги, и со нив природно ќе си создадете брана пред вашиот нос, кој според статистиката на Јани ќе филтрира околу 25% од ПМ10 честичките кои се упатиле кон вашите дишни патишта. И бидете упорни, немој да се избричите на првото чешање на брковите после шестиит ден. Значи, ништо не бива преку ноќ.

Премиерот Заев великодушно најави намалување на казните за 75 до 150%. Искористете ја оваа златна шанса!

Казните

Премиерот Заев, на изненадување на сите, изјави дека ќе се намалува казнената политика. И тоа драматично, од 75% до 150% намалување на казните во сите области. Браво. Ова заслужува пофалба. Значи вака, доколку во доцните саати ве фатат некаде под Камени Мост или во ГТЦ како уринирате, казната за тоа изнесува 100 евра. Додека полицаецот ви ја пишува казната, вие спокојно закопчете го шлицот, избришете ја раката, земете го мобилниот, гугл и напишете “Заев 150% пониски казни“. Меѓу првите пребарувања ќе ви се појави прес конференцијата на премиерот Заев која ќе му ја прочитате на дежурниот полицаец, а потоа на апликацијата калкулатор ќе му пресметате колку е намалувањето од 150% на 100 евра казна. Пред бројките и полицајците молчат, па џандарот ќе мора да ви доплати 50 евра за сторениот прекршок. Со овие 50 евра изборот е ваш. Можете да ги чувате за леб за цел месец, а можете да си купите и “Чивас Регал“ за да си ја терате терапијата на Шилегов против загадениот воздух.

*Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Сатира

Невидливото Собрание објавува: Стратегијата и оперативниот план се поделени и усвоени од делегатите и започната е работата на нивното извршување.

Лажен патриотизам или пак тест: Се појави народно Собрание без име и седиште?

Виртуалното Народно Собрание на Република Македонија на својата веб страница, објави...

Поранешниот министер за надворешни работи, актуелен пратеник, Антонијо Милошоски, штотуку соопшти преку социјалните мрежи дека поднесува оставка на сите партиски функции

Милошоски поднесе “оставка”, еве што напиша во образложението

Поранешниот висок функционер на ВМРО – ДПМНЕ, актуелен пратеник а поранешен министер...