Последиците од власта во заминување

Објавил: Калина Мартинска | 14 јуни, 2024 10:41

Француско-американската лекција да ѝ се одржи на Атина

Фото/Текст извор: ©novamakedonija.mk

Ниту еден месец по свечената заклетва на новата македонска претседателка Гордана Силјановска-Давкова, кога се заколна дека ќе ѝ служи само на Македонија, без да ја спомене географската одредница, не стивнуваат унифицираните реакции од сите страни, со конкретна порака дека меѓународните договори мора да се почитуваат.

Експресни реакции уште истиот ден стигнаа од официјална Атина, Брисел и од Берлин, а потоа во деновите што следуваа се редеа изјавите од поранешни европски политичари, како и од директните актери што учествуваа во подготовката и потпишувањето на Преспанската спогодба.

Последна во низата пораки упатени до Македонија дека „меѓународните договори мора да се почитуваат“ е содржана во таканаречениот американско-француски патоказ објавен од Белата куќа на 8 јуни годинава, кој го утврдиле американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон на средбата во Франција пред неколку дена.

Без ефикасна дипломатија, условувањата секогаш се еднострани

Имено, во делот од патоказот во кој се споменува Западен Балкан, Париз и Вашингтон, меѓу другото, ја поздравуваат соработката за интеграција на регионот во Европската Унија со цел, како што се посочува, зголемување на просперитетот и јакнење на демократското владеење и владеењето на правото.

– Тие ја повикуваат новата влада во С. Македонија да остане фокусирана на патот кон ЕУ и да ги почитува своите меѓународни обврски – се вели во делот од документот фокусиран на Западен Балкан.Очигледно инфериорниот однос на македонските власти во заминување, да прифаќаат беспоговорно сѐ што се пласира од странските кујни, оставил простор кај странците и натаму да сметаат дека можат да наметнуваат агенда исклучиво кон Македонија, надевајќи се дека таа ќе продолжи да исполнува сѐ што ќе ѝ се наметне, без да бара реципроцитет, односно исполнување на обврските и од втората страна.
Интересно е што во ниту еден момент меѓународната заедница не упатува пораки и до официјална Атина и таа да ги почитува меѓународните договори и обврски што ги презела. Опомена немаше дури и тогаш кога грчкиот премиер јасно истакна дека неспроведувањето на Преспанската спогодба од нивна страна е оружје за да ја принудат Македонија да го исполни и она што не е во договорот, а оди во прилог на грчката узурпација на сѐ што е поврзано со името Македонија и придавките што произлегуваат од ова име.

– Нема да ги ратификуваме меморандумите сè додека не сме апсолутно убедени дека другата страна ги почитува сите одредби од Договорот од Преспа – изјави Мицотакис за грчката телевизија Скај.
Ова е конкретна потврда дека Грција не почитува меѓународен договор така што не ги спроведува своите обврски, чекајќи ја втората страна, во случајот Македонија, да ја исполни и последната запирка од договорот. На ваквите јасни пораки упатени од грчкиот премиер немаше никаква реакција од меѓународниот фактор, макар со опомена до Атина дека потпишаните меѓународни договори наметнуваат обврски за двете страни еднакво, врз принципот на добра волја, а не врз принципот на уцена.

Грчката дипломатија работи со полна пареа

Несомнено големата грчка дипломатска машинерија беше придвижена уште при првите резултати од анкетите во Македонија, кога стана јасно дека власта во заминување ја изгуби целосна поддршка од граѓаните и дека новата власт не е наклонета кон поголема имплементација на Преспанската спогодба без да види ист однос и од грчка страна.
Во таа насока се спомнуваше нератификувањето на трите меморандума во грчкиот парламент, од кои едниот се однесува токму на економската соработка меѓу двете земји. Изостана и промената на патните сообраќајни знаци на кои сѐ уште стои старото име „Скопиа“, а не е преземено ништо од грчка страна ниту за отворање на граничниот премин „Маркова Нога“.
Грчката дипломатија, свесна дека ако сега забави имплементацијата на Спогодбата од Нивици со темпото на кое ги навика претходната македонска власт тоа никогаш нема да се врати на посакуваното ниво, почна со дипломатска офанзива на убедување на меѓународните партнери уште пред изборите во земјава, особено во Берлин, Париз и во Вашингтон, креирајќи впечаток дека тие се „добрите момци“ во приказната, а Македонија е таа што не ги почитува меѓународните договори, наведувајќи го исклучиво примерот со претседателската заклетва каде што не била спомената одредницата „северна“.
Затоа и следуваа експресните реакции уште истиот ден бидејќи претходно веќе бил подготвен темплејтот по кој ќе биде укорена земјава, а со последниот заеднички француско-американски патоказ се гледа дека грчката дипломатија работи со полна пареа.
Сега дополнително таа добива на сила и откако Грција стана непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации и од почетокот на следната година Грците ќе можат да наметнуваат прашања и дискусии што се во нивен интерес. Имајќи предвид како грчката дипломатска мрежа е добро инкорпорирана во структурите на ОН со години (впрочем своевремено успеаја да го спречат приемот на Македонија со нејзиното уставно име, преседан незапаметен во историјата на светската организација), повеќе од извесно е дека повторно Македонија ќе биде ставена на тапет како земја што не почитува меѓународни договори, без оглед што сите обврски од Преспанската спогодба, дури и многу повеќе од тоа, таа целосно ги спровела.

Нееднакви стандарди

Од друга страна, ако веќе и Вашингтон и Париз во патоказот говорат за почитување на меѓународните договори од страна на новата македонска влада, која сѐ уште не е ниту формирана, истите центри, вклучувајќи го и Брисел, не повикаа на почитување на меѓународните договори кога Грција не ги ратификуваше меморандумите, кога Грција не ја почитуваше пресудата на Меѓународниот суд на правдата, кога не ја почитуваше Привремената спогодба, но и кога не ги почитуваше основните постулати на ОН врз кои почива меѓународното право, за слободата на секоја земја и народ да си го изберат сопственото име во согласност со идентитетското чувство.
А дека не се работи за претерување и дека токму Македонија е во таа мала капка што секогаш се става под меѓународниот микроскоп, покажува и случајот со Бугарија. Истата меѓународна заедница, која сега испорачува некакви патокази со пораки за почитување на меѓународните обврски, не мрдна со малиот прст да ја опомене Бугарија да ги спроведе 16-те пресуди на Судот за човекови права од Стразбур.
Очигледно се работи за огромна хипокризија во односот кон тоа што значи почитување на меѓународните договори или за посилните и помоќните тоа не важи, туку секогаш се однесува на помалите и послаби земји, да мора да исполнат сѐ што се бара од нив.
Во добар дел причините за таквиот однос треба да се бараат и во сервилниот однос на македонската дипломатија, која изминатите неколку години повеќе водеше сметка да не ги налути соседите и како повеќе да им угоди отколку како да ги заштити националните интереси.

Фокусот да се насочи кон домашните работи, помалку кон некакви патокази однадвор

Дел од аналитичарите со кои продискутиравме во врска со последните пораки во француско-американскиот патоказ, во кој се повикува новата македонска влада да ги почитува меѓународните договори, се на ставот дека времето кога премногу се потресувавме на она што ќе ни го кажат однадвор помина и дека треба да почнеме да градиме имиџ на држава што се држи до принципи, до сопствени интереси, до почитување на договорите, но врз основа на рамноправност.

– Пораката упатена од Макрон и Бајден во патоказот што неодамна го објави Белата куќа не треба да биде нешто околу што треба посебно да се потресуваме. Нашата совест е целосно чиста, ниту сме прекршиле меѓународен договор, ниту пак ќе го прекршиме. Францускиот претседател Макрон не е тој што треба да говори за почитување на меѓународните договори, кога и самиот не испочитува една и единствена работа кон Македонија, да дозволи земјата да ги започне пристапните преговори со Унијата веднаш откако таа го промени името. Тој не го испочитува ветеното. Без оглед што неговиот говор и обраќање до македонските граѓани не беа потпишан документ, сепак имаше тежина на меѓународен договор бидејќи се обраќа кон цела една нација и ја упатува што да направи, ако сака да стане дел од Европа. Зборот даден од лидер што претендираше да ја води Европа требаше да биде посилен од секаков пишан договор. Веројатно патоказот што следуваше по средбата на Макрон и Бајден во Париз е само еден вид потсетник за сите земји од Западен Балкан што треба да прават и ништо повеќе. Впрочем, пред Макрон е сериозна задача и тој да си ги среди работите дома по последниот изборен дебакл и пораката што му ја испратија Французите, дека не се задоволни од неговите политики – сметаат аналитичарите.

Според нив, сето она што доаѓа пред крајот на мандатот понекогаш може да се сфати како одредено факторизирање во пресрет на изборниот циклус, да се добие некој поен кај гласачите, но од друга страна, не претставува обврска за никого и никој не го сфаќа премногу сериозно.

– Пред крајот на мандатот и ЕК ветуваше брзо проширување на ЕУ до 2030 година, но никој не го земаше тоа за сериозно бидејќи сите беа свесни дека доаѓаат нови политички структури со полн мандат, кои ќе одредат кои се новите приоритети на Унијата. Така е во Европа, во САД, секаде. Клучно за Македонија, наместо да се осврнува на некакви пораки што за месец-два ќе бидат заборавени, е да почне да си ги средува работите дома за да почне и надвор да биде ценета, да не биде секогаш земјата на која ќе ѝ се поставуваат услови и ќе се бара да почитува меѓународни договори дури и тогаш кога ги почитува. Кога дома ќе ги потсредиме работите, кога ќе воспоставиме нормална дипломатија, тогаш веројатно и пораките ќе бидат упатени двострано, и кон Грција, но и кон Бугарија – заклучуваат аналитичарите, стои во анализата на Нова Македонија.

Прочитај повеќе:

Мицкоски: Меѓународните договори треба да се почитуваат и тука немаме никаква дилема, но тоа е двонасочна улица

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика