Потребна е специјализирана единица од 200-300 луѓе, подготвени и опремени веднаш да реагираат и да се справат со пожари, поплави, земјотреси. Климатските промени ќе донесат уште покатастрофални пожари, предупредува Горан Стојановски раководител на секторот за операции и координација при ЦУК
Невозможно е после целосно гаснење и после период со дождови, сами од себе да се појават нови пожари во речиси едни исти реони. Големи се сомнежите за намерно предизвикување. Така смета Горан Стојановски, раководител на секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, во разговор за Гласот на Америка.
„Нешто се случува. Проблемот е што е тоа толку интересно, после 20 дена гаснење на еден ист пожар, на иста територија, на ист простор, повторно истиот да се обнови. Целта на палењето мора да е заради некои други аспекти“, вели Стојановски.
Според законските прописи изгорените дрвја мора да се исечат, за да се заштити остатокот од шумата. Стојановски посочува дека можна цел за потпалувањето е токму отворениот пат за подоцнежна трговија со таа дрвна маса.
Таквите делови се богати со поквалитетни шуми. Кога некој ќе го добие тендерот за сечење на дрвјата, тој не гледа дали нешто горело, туку напротив, покрај загорените дрвја, ќе исече уште 70 отсто здрава шума. Можеби тоа е причината за палењето. Ние тоа го нарекуваме економска причина“, посочува Стојановски.
Раководителот од ЦУК не ја отфрла можноста и за други фактори за пожарите, како што се невнимание, искри од кабли или, пак, пироманство.
„Но, не можеме исклучително нив да ги врземе во однос на сите пожари, а вкупно се 829 во месец август, од кои 115 се во шумски појас. Не можеме да кажеме дека сите што ги потпалиле пожарите биле болни. Далеку од тоа“, вели раководителот од ЦУК.
Неопходни промени во системот за справување
Стојановски посочи дека изминатите два месеца на кризна состојба повторно покажале дека се неопходни промени во системот за справување со непогодите. Еден од чекорите е можно спојување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
„Промени мора да има во делот којшто во моментов не соодветствува со потребите. Притоа, потребите се формирање републички сили, тимови. Тука треба да припадне и Дирекцијата за заштита и спасување, која ги има овластувањата да располага со овие републички сили, да ги оформи, да ги обучи, да ги специјализира, да ги опреми“, укажува Стојановски за Гласот на Америка на македонски јазик.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.