На денешен ден со гордост и чест им оддаваме заслужена почит на македонските партизани кои во 1941 година се кренаа на востание и ја започнаа народноослободителната борба.
11 Октомври е меѓникот што ја одреди нашата сегашност и иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи, со што ја избравме вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото, цврсто решени да ги победиме окупаторите и да се избориме за слободна национална држава, се вели во честитката на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова по повод празникопт 11 Октомври.
„Благодарни на хероите за нивната натчовечка жртва, имаме одговорност кон нив, но и кон нашите деца и внуци да продолжиме да ја градиме македонската држава согласно идеалите што ни ги оставија во аманет, оти чувањето на татковината е важно колку и чинот на нејзиното ослободување.
Секоја генерација се соочува со нови предизвици. Изминативе 33 години ние се боревме за признавање на независноста и добивање заслужено место во европското семејство и во меѓународните организации, за зачувување на мирот и градење демократија.
Борбата за нашите правдини, но и за правна држава, продолжува.
Да ве потсетам: нашите предци се сплотија и заедно го постигнаа она што не можеа да го остварат засебно – слободна македонска држава.
Ве повикувам да ги надминеме меѓусебните делби и да се обединиме во заедничката борба за просперитетна европска држава и за праведно македонско општество.
Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание“, се вели во честитката на претседателката на Македонија.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски упати честитка по повод 11 Октомври, Денот на народното востание.
„Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата да Ви го честитам 11 Октомври, Денот на народното востание. Оваа година одбележуваме 83 години од пркоста и желбата за слободна Македонија.
Македонците на тој 11 Октомври 1941 година се впишаа на мапата на слободарските народи, кои заедно со Сојузниците од Втората светска војна го поразија Нацизмот и Фашизмот.
Народниот дух на пркост и непокор кој беше демонстриран на тој 11 Октомври трае и ден денес, тој е движечка сила за промени и подобро утро. Тоа е мислата која не влече напред, дека секогаш може и мора подобро“, се вели во честитката на Мицкоски.
„Ако нашите дедовци имаа за цел да ја ослободат државата, нашата цел е да ја развиеме Македонија.
Почитувани сограѓани, иако се соочуваме со предизвици, ние зачекоривме во ера на економска трансформација и назад од тоа нема. Цврсто се обврзавме пред граѓаните дека посветено, чесно, одговорно ќе работиме за повторно да ја вратиме државата во рацете на граѓаните и работиме на тоа преку конкретни реформи, проекти и промени кои се клучни за рестарт на институциите и на системот.
Ерата пред нас ќе биде одбележана со економски напредок и развој, правна сигурност на системот и владеење на правото што само по себе подразбира бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, иднина за сите граѓани, проекти за развој, надеж која носи позитивни промени, нови работни места, перспектива за младите и конечно обезбедување на подобар и поквалитетен животен стандард.
Како генерација политичари, ние немаме втора шанса, и оваа шанса и доверба која ја ни ја дадовте мораме да ја зграпчиме и од истата извадиме најмногу што можеме, тоа им го должиме на сегашните, но и на идните генерации на кои мораме да им обезбедиме својата иднина да ја градат тука, зошто ни е аманет од тие пред нас.
Само заедно сложни Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци можеме да градиме единство, иднина и просперитет.
Продолжуваме посветено да чекориме по патот на борбата за создавање на држава на среќни и задоволни граѓани.
Нека е честит 11 Октомври – Денот на народното востание“, се наведува во честитката на премиерот Христијан Мицкоски
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.