Минатата 2021 година е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првото тримесечие во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи.
Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а од сега и Факултетот за безбедност од Скопје продолжуваат со активностите со цел подигање на нивото на сообраќајна култура и на тој начин намалување на бројот на жртви во сообраќајот, а денеска во Охрид беше организирана првата акција во склоп на кампањата „И јас и ти- сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“.
„Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност од Скопје, започнува со спроведување на кампања за подобрување на безбедноста на најмасовната и најранливата категорија учесници во сообраќајот – пешаците, под мотото „И јас и ти – сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“. Оваа кампања ќе се реализира неколку месеци при што ќе бидат опфатени голем број градови. Во кампањата ќе се стави акцент на причините поради кои пешаците страдаат во сообраќајни несреќи, ќе се потсетува на сообраќајните правила и прописи кои се однесуваат на пешаците, а постојано ќе се даваат препораки за однесување и на пешаците и на возачите затоа што безбедноста на пешаците и на возачите е заедничка грижа и треба заедно да придонесеме за поголема безбедност во сообраќајот“, рече претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска.
Помошникот на министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека благодарение на ваквите активности, се подига нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.
„Им благодарам на нашите партнери од РСБСП, а секако задоволство ми е што во нашите активности се придружува и Факултетот за безбедност. Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка. Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првото тримесечие во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првите три месеци од 2022 година има 18 жртви, што е за 10 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 28. Само во месец март 2022 година имаме четири жртви, а во март 2021 имало 16, што е бројка дури четири пати поголема од март 2022“, сооопшти Ангеловски.
На подрачјето на СВР Охрид во март 2022 година нема ниту една жртва, а во март 2021 година имало четири жртви.
„Покрај превентивните акции, продолжуваме и со засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата. Во текот на вчерашниот ден санкционирани се 144 возачи кои не пропуштиле пешаци на пешачки премин. Од нив 15 се на територија на СВР Охрид. Во првите три месеци од 2022 година санкционирани се 2298 возачи кои не дале првенство на минување на пешак, а санкционирани се и 2784 пешаци кои не ги почитувале сообраќајните правила“, соопшти Ангеловски.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.