Потпретседателката на СДСМ

Објавил: Калина Мартинска | 10 март, 2025 14:11

Чупеска: Помалку од 24 часа нè делат од најголемиот упад на извршната во судската власт

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Еден од најголемите упади на една власт во друга, чија цел е целосна партизација и политичка контрола врз правосудството. Вака опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска уште еднаш жестоко ја оквалификува иницијативата на владејачкото мнозинство за интерпелација на пет члена на Судскиот совет избрани од Собранието.

Еден ден пред собраниската седница на која на дневен ред ќе бидат петте интерпелации, потпретседателката на партијата, Ана Чупеска, претпладнево одржа прес-конференција, која, како што кажа, ја посветуваат на одбрана и заштита на уставниот поредок на државата.

Нарекувајќи ги незаконски, противуставни, насилнички, како и отворен и пакосен влез во авторитаризам, потпретседателката на СДСМ рече дека начинот на кој се брза со интерпелациите само ја открива вистинската намера на извршната власт предводена од премиерот Христијан Мицкоски, за целосна партизација на судската власт, чија независност е гарантирана со Уставот.

„Вака како што е поставена оваа интерпелација е школски пример за директно и грубо кршење на уставниот принцип за владеење на правото и за поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. Власта предводена од Мицкоски само ја демонстрира својата злонамерна за целосна партизација и политичка контрола врз правосудната власт, наместо да ја гарантира нејзината независност. Гледаме како власта упорно сака да ја демонтира секоја институционална брана од авторитаризам, преку нелегалните и неуставните постапки, преку исилените и силеџиски разрешувања, преку сатанизации и јавни линчувања на судии и на обвинители“,рече Чупеска.

Сето ова, посочи таа, всушност претставува подготвување на терен за инсталирање на послушни кадри, лојални на актуелната власт.

Брзањето со интерпелациите на петтемина членови на Судскиот совет, во услови кога се подготвува нов закон за ова тело, според Чупеска, ги обелоденува вистинските намери на власта, а кои, како што кажа, воопшто не се поврзани со реформските процеси, туку со воспоставување целосна партиска контрола.

„Да беше намерата за суштински реформи немаше вака на сила и спротивно на закон да се турка. Зошто не почека власта да се финализира новото законско решение и во нормална и редовна постапка се избере пакет на нови членови, согласно новото законско решение? Зошто упорно ги игнорира постоечките законски одредби и извршната власт, на чело со премиерот се става над уставот и над законите? Затоа што јасна е намерата да нема никакви реформи туку инсталирање на партиски лојалисти во правосудните органи“,рече потпретседателката на СДСМ.

Ова, како што посочи таа, не е случајност, туку смислен, систематичен и координиран врз правосудниот систем.

Според опозициската партија, ако Судскиот совет биде срушен на ваков начин, следни на ред ќе бидат судиите што не се по волја на власта, по што, како што рече Чупеска, ќе следуваат и нарачани пресуди какви што имало во минатото.

Потпретседателката на опозициската партија се осврна и на иницијативата за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, која, исто така, ја оцени како незаконска и почеток на процес за смена на сите оние во правосудниот систем што нема да работат по инструкциите на Мицкоски.

„Замислете, премиерот ноншалантно, но крајно деспотски, си изјавува дека ќе му зададе удар во чело на судството. Изјавите пак дека ќе се игнорира мислењето на Советот на јавни обвинители во врска со разрешувањето на републичкиот јавен обвинител, се исто така фрлање на шок бомби. ВМРО-ДПМНЕ сака тотална контрола“,кажа Чупеска.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.