Растот на цените сериозно го загрозува животниот стандард на граѓаните и ја намалува нивната куповна моќ.
За само една година, цените на мало се зголемени за над 7 отсто, додека, пак, трошоците за живот се зголемени за над 6 отсто.
Од 1 март нема да важи мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи, туку ќе има ограничување на маржите на трговците до 5 отсто. Производителите, кои во последниве два месеца имаат драстичен пораст на трошоците за струја, гас, репроматеријали, најавија ново зголемување на цените од 20 до 30 отсто, пишува вечер.мк!
Граѓаните се жалат дека сè е поскапено и оти се зголемени и цените на оние производи на кои тие им беа „замрзнати“. Секоја недела, во маркетите има нови, повисоки цени за по минимум 2, 3 или 5 денари. Веќе не знаеме ни што е замрзнато, а што не е, бидејќи цените отидоа до плафон и веќе не ги следиме, само гледаме да преживееме до први. Тие не веруваат дека новата мерка за ограничени маржи ќе помогне во спречување на инфлацијата, како што не помогна ни претходната.
Лебот и белите печива се поскапени незначително. Млечните производи се доста поскапени, а најголемо поскапување има кај кашкавалот – за 100 денари за килограм. Кафето од 60 денари за 200 грама, достигна цена од 89, 90, 92 денари за само еден месец, а месото, рибата, овошјето и зеленчукот се поскапени за 20 до 30 отсто. Од Сојузот на синдикатите на Македонија информираат дека синдикалната кошничка за јануари годинава изнесува 35.811 денари и е зголемена за 770 денари во споредба со декември 2021 година.
Од Народна банка потврдуваат дека инфлациските движења се над очекуваното, но се предвидува дека инфлацијата ќе се стабилизира во вториот квартал од годинава. За високата годишна инфлација од 6,7 проценти, од Народна банка објаснуваат дека, освен храната, најмногу придонел порастот на цените на горивата и на електричната и на топлинската енергија.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, вели дека ги чувствува зголемените цени на производите, како и сите граѓани.
-Пазарам во сабота и гледам дека цените се зголемени. Се забележува разликата во цените во супермаркетите, но, исто така, можам да кажам дека ефект дава и замрзнувањето на основните прехранбени производи – вели Бесими.
Според него, очекувањата се дека во втората половина од годината ќе се стабилизираат цените, бидејќи, кај нас, инфлацијата е увезена од тоа што се случува со цените на енергенсите на светско ниво.
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека доколку не воведевме мерки, поскапувањето на производите ќе беше поголемо.
-Растот на цените е европски и светски економски феномен. После вакви пандемии, ваквите процеси се нормални. Сепак, Владата реагираше навреме и ги замрзна цените на основните прехранбени производи. Доколку не ги направевме овие мерки со замрзнувањето, поскапувањето на производите ќе беше поголемо – изјави Ковачевски.
Производителите, пак, најавија дополнително зголемување на цените од 20 до 30 отсто поради зголемените трошоци. Тие сметаат дека мерката за ограничување на маржите е пофер за производителите и за трговците, а, во исто време, со неа ќе се заштитат и потрошувачите.
– Оваа мерка може да спречи нереално зголемување на цените. Ограничување на маржите е подобра мерка отколку замрзнување на цените на основните прехранбени производи. Се уште е рано да се каже како ќе влијае оваа мерка на пазарот и на цените на домашните производи. Секој производител треба да направи анализа и да види како влијае ограничената маржа на неговите производи и ќе направи корекција на цените – вели за ВЕЧЕР Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агро-бизнис комората.
И од пекарската индустрија реагираа на замрзнатите цени и најавија зголемување на цените на лебот откако ќе се тргне мерката за замрзнати цени поради зголемените трошоци и сметките за струја и за гас.
– Неминовно е зголемување на цените на лебот и на сите други прехранбени производи, бидејќи растат цените на сити инпути, суровини, енергенси, работна сила… Во овие два месеца додека трае забраната за зголемување на цените, сметките за електрична енергија ни се зголемија од 150 до 200 отсто, а за гас и до 300 отсто. Ова е неиздржливо за компаниите. Од една страна, имате огромен пораст на цените на енергенсите, а, од друга, забрана за зголемување на цените. Ако продолжи ваквата состојба уште месец-два, ќе дојде до затворање на многу компании и до целосен колапс на економијата – изјави Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.
Според производителите, секако дека ќе има зголемување на цената на лебот, но се уште не се знае колкаво ќе биде тоа. Според пресметките, зголемувањето би било околу 30 отсто. И од месната индустрија најавија ново зголемување на цените на месото и на месните преработки за 20 до 30 отсто.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.