Демант без логика

Објавил: Калина Мартинска | 9 јуни, 2024 11:24

Шофер во МНР фатен со дрога, од април случајот се крие – МВР демантира, ама од брзање и греши?

Фото/Текст извор: ©mkd.mk

Ќазим Брахими, вработен како шофер во Министерството за надворешни работи, на 16 април од охридската полиција бил фатен со дрога, која се обидувал да ја пренесе во Скопје. Тојнаводно бил фатен со уште едно лице, а возилото рено (СК7632АС) e службено возило на МНР.

Како што дознале МКД.МК и второто лице во возилото, Фламур Лога, бил вработен во МНР (во ИТ сектор) и покажал дипломатска патна исправа. Тој на полицајците им рекол дека одат на аеродром.

МВР демантира дека шофер на МНР пренесувал дрога

Министерството за внатрешни работи категорично ги демантира информациите дека возач вработен во Министерството за надворешни работи со службено возило на тоа министерство бил фатен од страна на полициски службеници при што во возилото била откриена дрога.

„На 16 април 2024 година од страна на полициски службеници при ОВР Кичево во 22,35 часот во Кичево било сопрено возило сопственост на МНР (марка рено) управувано од лицето Ќ.Б., при што била извршена рутинска контрола во која не биле пронајдени никакви предмети во интерес на службата. По службена должност бил доставен допис до МНР околу проверка на сопственоста на возилото и околу евентуалниот патен налог за управување на возилото кој што возачот не го доставил на полициските службеници.

МВР ги отфрла сите шпекулации околу постоењето на некаков случај, и апелира до средствата за јавно информирање – со оглед на целосната транспарентност на министерството – сите прашања од нивен интерес да ги проверат во соодветните служби на МВР, пред тие да попримат шпекулативен и тенденциозен карактер со кој се нанесува штета и на Министерството, но и на кредибилитет на средствата за јавно информирање“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Оркестрирано – дури и возачот  демантира

На социјалните мрежи се јави и Ќазим Брахими, возачот на МНР: „Целосни лаги и шпекулации се пишуваат за мене, се употребува и моја фотографија и тоа: ‘фатен со дрога, која се обидувал да ја пренесе во Скопје со службено возило на МНР.

Ова директно го загрозува мојот углед , ми нанесува штета и за ова веќе се консултирам со правници и адвокати за да поднесам пријава затоа што сум лажно набеден“.

Во брзање – демант со „грешки“ 

Во врска со демантот на МВР за пишувањето на МКД.мк,  редакцијата на порталот само ги потсетува одговорните во МВР на нивното писмо од 21 мај испратено до МНР. Писмото е aрхивирано под број 23.25.4.3/2812. Само една недоследност која веднаш паѓа во очи, а тоа е местото на настанот – според писмото на МВР од 21 мај настанот се случил во Охрид, а во демантот на МВР пишува во Кичево. Но, при брзање се прават и грешки. Разбирливо е, пишува порталот.

Она што МВР го тврди во демантот е дека на „16 април 2024 година од страна на полициски службеници при ОВР Кичево во 22,35 часот во Кичево било сопрено возило сопственост на МНР (марка рено) управувано од лицето Ќ.Б., при што била извршена рутинска контрола во која не биле пронајдени никакви предмети во интерес на службата“.

Датумот и времето на случување се еднакви во двете писма, но не и местото. Во писмото на МВР од 21 мај се вели дека возилото рено било запрено во Охрид. А во демантот се вели дека реното на МНР било запрено во Кичево, истиот ден во исто време.

Еве што друго пишува во писмото на МВР до МНР од 21 мај (останува нејасно и тоа зошто за случај од 16 април, се праќа „барање доставува“ повеќе од еден месец подоцна, 21 мај): „OKП ОНТДО при СВР Охрид располага со оперативни сознанија дека на ден 16.04.2024 година околу 22 часот две непознати лица со возило рено со рег.озн СК 7632 АС кое во системот на МВР евидентира на Министерството за надворешни работи се наоѓале на подрачјето на град Охрид, и со наведеното возило извршиле кривично дело во областа на недозволената трговија со наркотици, односно транспорт на наркотици од Охрид кон Скопје“.

На ова писмо потпишани се речиси сите први луѓе на полицијата во Охрид: началник на ОКП Билјана Неделкоска, началник на СВР Охрид Игор Смилески, дополнителен заменик на началникот на ЦДР Охрид Жарко Лазароски, изготвил виш инспектор Зоран Бошкоски.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести