Пејачката Андријана Јаневска, која е професор по солфеж и соло пеење на катедрата за популарни жанрови на Факултетот за музичка уметност, но и виолинистка во НОБ, вчера (13.05) ја зеде својата диплома.
Таа на социјалните мрежи објави фотографии од прогласувањето за доктор на науки. Со неа беше и сопругот, гитаристот Драган Гиновски – Гино, кој не само сега, туку и години наназад ѝ е најголема поддршка.
„Денес во Ректоратот на УКИМ бев промовирана во доктор на науки. Благодарност до проф. д-р Родна Величковска која како мој ментор несебично ми помагаше во текот на пишувањето на трудот. Честитки и до останатите колеги“, напиша Андријана.
Јаневска пред неколку дена, пишувајќи на тема Евровизија на својот Фејсбук, откри дека девет години го подготвувала својот докторски труд.
„Минатата година, тимот на МТВ ме покани да ја претставувам Македонија на Евровизија 2024 во Малме. Им одговорив дека со задоволство ќе прифатев да беше 2000 година, кога се натпреварував со „Твоето писмо моја библија” или 2001 година кога на Скопскиот фестивал победив со „Носталгија”. Тогаш имав 20 години, кариерата ми беше во подем и имав желба да направам нешто за Македонија. Исто така, тоа беа времиња кога Евровизија сè уште важеше за некаков културно-уметнички натпревар помеѓу народите и кога секоја земја се натпреваруваше со песна на својот јазик.
Денес имам 42 години и се чувствувам исполнето, среќно и остварено на приватен и професионален план. Што се однесува до мојата желба да направам нешто за Македонија, тоа го направив преку докторскиот труд на кој работев девет години, со кој успеав да заштитам над 150 македонски народни песни во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, кои соседните држави претходно суптилно, а во последен период јавно почнаа да ги претставуваат како свои.
Благодарност до МТВ за укажаната можност, но, после ова издание на Евровизија, сметам дека донесов правилна одлука“ напиша таа.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.