Новиот претседател на Уставен сака да ја врати довербата на граѓаните

Објавил: Калина Мартинска | 10 јуни, 2024 14:47

Јас сум лојален на Уставот, нема да дозолам политичко мешање во судот, вели Костадиновски

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Како претседател на Уставниот суд имам поставено еден врвен приоритет и неколку предизвици, а кои се неопходни за реализација на тој приоритет. Ако сме свесни за нашата општествена и уставна реалност, довербата на граѓаните во институциите и правната држава е на историско најниско ниво – рече новиот претседател на Уставен суд, Дарко Костадиновски на првиот брифинг со новинарите.

Тој посочи дека токму тоа ќе биде неговиот приоритет, враќање на довербата на граѓаните во Уставниот суд и враќање на довербата во правната држава. Но додаде дека нема да дозволи на никого да влијае врз него и врз Судот, бидејќи како што рече тој верува единствено во Уставот и делува според него.

– За остварување на тој приоритет неопходни се неколку чекори. Прв чекор е бескомпромисноста во обезбедување на независноста и самостојноста на Уставен суд, како и мојата бескомпромисност во обидите за било какви политички влијанија. Ќе предложам седници на Уставен суд да се снимаат и да се емитуваат во живо. Во други земји не се снимаат и не се пренесуваат во живо, но во тие земји немаме девастирано владеење на правото како кај нас. За да се врати довербата на граѓаните потребни се похрабри и одлучни чекори – вели Костадиновски.

Новиот претседател истакна дека преку интервенции во Уставот ќе бара измени на Законот за Уставен суд, бидејќи од 1991 кога е донесен првиот Устав, Уставниот суд е најнереформираната институција во државата.

– Уставниот суд ја црпи својата надлежност директно од Уставот и од Актот на Судот. Се поставува прашањето дали ваквата статус кво состојба во поглед на правната рамка и на кого му одговара да продолжи. Тука се надоврзува прашањето и дали се исполнети очекувањата на граѓаните 33 години по донесувањето на Уставот. Со сите релевантни чинители ќе разговара за неопходноста од интервенција во Уставот со цел обезбедување на уставен основ за донесување на закон со кој ќе се операционализираат новите одредби за Уставниот суд. Не треба да биде каков било закон, туку системски, затоа што тоа е начинот со кој ќе се гарантира независноста на судот – додаде Костадиновски.

Одговарајќи на новинарски прашања дали е уставна одлуката Талат Џафери да има две функции во државата (Технички премиер и пратеник), како и дали претседателката Гордана Сиљановска Давкова го прекршила Уставот со давањето заклетва, Костадиновски рече:

„Во моментов не можам да дадам никакво мислење за нешто што не е како иницијатива доставено до Уставен суд. Знам дека јавноста ја интересираат одговорите за овие прашања, но практиката е таква кај нас, не коментираме ништо за што нема поднесено иницијатива. Доколку некој поднесе, а можеби и веќе денеска е понесено, тогаш веднаш како Суд ќе дадеме мислење“.

Костадиновски беше избран за нов претседател на Уставен суд на 4 јуни по над 10 круга гласање. Тој доби мнозинство од гласовите, а противкандидат му беше колегата Осман Кадриу. Претходно се тркаа Тања Васиќ-Бозаџиева, Ана Павловска-Данева, но откако не добија доволно (6) гласови од вкупно 9-те уставни судии, беше предложен Костадиновски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.