Македонија
Вести
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето поздравно обраќање на свеченото отворање на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ во Охрид порача дека „континуираното повеќедецениско одржувањето на оваа школа е потврда за живиот научен интерес за македонскиот јазик како словенски јазик и дел од Балканскиот јазичен сојуз, за преокупацијата не само на лингвистиката туку и на научната мисла воопшто, со неговите корени, историски, јазични и други аспекти“.
Тој додаде дека годинава, кога се чествува големиот јубилеј 75 години од основањето на најстариот државен Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Семинарот кој се одржува во една од колевките на славјанството, во градот полн со духовна и културна симболика, древниот Охрид, ги одбележува и значајните јубилеи на великаните на македонската наука и култура: 150 години од раѓањето на македонскиот великан – филолог, кодификатор, етнограф и публицист Крсте Мисирков; 95 години од раѓањето на поетот, есеист и литературен критичар Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на неповторливиот поет, романописец и драмски автор Петре М. Андреевски.
„Овие дејци имале јасна визија и биле верни чувари на јазикот како врвно национално богатство и суштина на нашиот идентитет и култура. Затоа, чествувањето на овие јубилеи нека претставува поттик за доследно исполнување на светиот завет пред основоположниците на нашата национална култура, јазик и писменост“, рече министерот Љутков.
Поздравувајќи ги еминентните македонисти и слависти од земјата и од странство Љутков рече дека сфаќањето на јазикот како душа на народот, како на наша единствена татковина, и присуството на респектабилен број на учесници, несомнено претставува не само израз на нивниот научен интерес туку и на љубовта кон Република Македонија.
„Затоа, сакам да ги уверам сите дека стојалиштето за јазичните, идентитетските и други важни теми на современото мултикултурно општество на секој објективен и непристрасен научник, раководен искучиво од начелото на научната вистина е многу повредно од кое и да е друго стојалиште што се потпира врз арбитрирани политички, идеолошки или слични аргументи“, рече министерот Зоран Љутков.
Тој изрази убедување дека тие ќе дадат значаен придонес кон изучувањето на македонскиот јазик, а со тоа и кон афирмацијата на нашата нација и националниот идентитет на Република Македонија како членка на меѓународната заедница.
На отворањето во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид се обратија и претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, министерката за образование и наука Весна Јаневска, ректорката на УКИМ, проф. д-р Билјана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
Најчитани вести




Останати вести од Култура
Најнови вести
Промоција
Тикер вести
You must be logged in to post a comment.