Пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ од Гевгелија, според информации на 360, е во изолација од петокот, кога беше и постигнат договорот меѓу опозициските партии и Беса за, како што беше првично објавено, ново собраниско мнозинство, а на работ на неопходниот минимум од 61 глас!
Пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ е позитивна на ковид-19, што може да го проблематизира мнозинството што тврди дека го има опозицијата за уривање на владата на Зоран Заев, објави 360!
Пратеничката од Гевгелија, Ангелинка Петкова, според наши информации, е во изолација од петокот, кога, всушност, беше и постигнат договорот меѓу опозициските парламентарни партии и Беса за обезбедување 61 глас за изгласување недоверба на Владата или за, како што беше првично објавено, ново парламентарно мнозинство.
Заменик-координаторката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојанова, потврди за „360 степени“ дека една пратеничка од пратеничката група на опозициската коалиција е позитивна на ковид-19, посочувајќи дека нема точна информација од кога ѝ е решението за домашна изолација. Наспроти информации дека пратеничката е со симптоми на коронавирусот, Стојановска вели дека пратеничката е без симптоми, така што, ако има потреба, би можела да дојде на гласање во Собранието в четврток, кога треба да се одржи собраниската седница на која ќе се разгледува прашањето за доверба во Владата.
„Тие еднаш го направија преседанот со пратеници што дојдоа на седница во скафандри, повикувајќи се на протоколи на Комисијата за заразни болести, и покрај нашите реакции на тој чин. Тогаш, ако е неопходно, и ние би можеле да ја искористиме таа можност, иако можеби ќе нема потреба на тоа, затоа што се разговара за приклучување и на други пратеници кон иницијативата за изгласување недоверба на Владата“, ни изјави Стојановска.
Нејзиниот сопартиец и колега во Собранието, Александар Николоски, денеска соопшти дека прашањето за доверба во Владата е доставено до Собранието, со 61 потпис.
Тој рече дека очекува на чинот на гласање в четврток да има и повеќе гласови од неопходниот минимум за уривање на Владата, за што се разговара и со други пратеници од досегашното владејачко мнозинство.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.