Ахмет Давутоглу од близок соработник до противник на Ердоган

Објавил: Узунов Бобан | 17 септември, 2019 12:53

Архитектот на турската надворешна политика стана противник на Ердоган !

Фото/Текст извор: ©магазин

На сѐ подолгата листа на високи функционери што ја напуштаат владејачката партија на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ѝ се придружи еден од неговите најблиски соработници, поранешниот премиер и шеф на дипломатијата Ахмет Давутоглу.

Архитектот на надворешната политика на владејачката партија и креаторот на продлабочувањето на односите на Турција во регионот, вклучувајќи го Балканот, сега се позиционира како еден од главните конкуренти на Ердоган со најавите дека формира сопствена партија.

Три години откако, по инсистирање на Ердоган, Давутоглу ја напушти премиерската фотелја, сега замина и од Партијата на правото и развојот (АКП). Иако по заминувањето од премиерската функција главно се држеше надвор од политиката, и се занимаваше со академска работа. Давутоглу повторно го крена гласот против Ердоган по катастрофалните порази на АКП во трите главни турски центри – Истанбул, Анкара и Измир.

Давутоглу, кој се смета за поумерен од Ердоган, му испрати на турскиот лидер низа забелешки. Ги критикуваше и Ердогановите следбеници и противници поради отворањето на турските граници за милиони сириски бегалци да се населат во Турција.


Ердоган порано ги толерираше критиките од блискиот партиски другар, но минатомесечните сугестии на Давутоглу дека владата е соучесник во серијата терористички напади во 2015 години, прекинувајќи ги мировните преговори меѓу Анкара и бунтовничките Курди заради зацврстување на Ердогановата популарност пред изборите, како да беа детонаторот на разидувањето. Ердоган во родното место на Давутоглу во Анадолија го најави неговото исклучување од партијата. Давутоглу не го чекаше „отказот“, туку самиот пред телевизиските камери објави дека заминува.


Претходно Ердоган го напуштија и поранешниот министер за финансии и надворешни работи Али Бабакан, кој исто така најави планови за формирање нова политичка партија, најверојатно со поранешниот претседател Абдула Ѓул. Аналитичарите сметаат дека тој има шанси за успех, бидејќи голем број Турци го поврзуваат со деценијата економски подем, додека неговото заминување во 2015 година го гледаат како почетокот на фискалните проблеми во земјата.

Но Ердоган останува на власт до претседателските избори во 2023 година, и веќе предвидува дека Бабакан „нема никаде да стигне“ со формирањето нова партија, додека, истовремено, го обвинува дека ги поделува муслиманите. Турските аналитичари, пак, укажуваат дека поделбите во владејачката партија можат да доведат до понатамошно слабеење на АКП, која доминира со турскиот политички живот од 2002 година.

Давутоглу е универзитетски професор и автор на книгата „Стратегиска судбина“, која се смета за манифест на модерната турска надворешнополитичка доктрина. Ја нарекуваат и неоотоманизам, бидејќи е заснована врз обновувањето и јакнењето на односите со некогашните територии на Османлиско царство.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести