Хоти на средби со Ахмети и со Џафери: Македонските компромиси со Грција и со Бугарија да бидат референтна точка за дијалогот Белград – Приштина

Објавил: Македонка Димкин | 23 октомври, 2020 23:13

Ахмети, Компромисите на Македонија требало да бидат бенчмарк, ајде мајката?

Фото/Текст извор: ©tv21

Косовскиот премиер упатил честитки за значајните промени, исклучителните реформи и напредокот што го постигна Македонија

Покрај претседателот на парламентот Талат Џафери, денеска и лидерот на ДУИ Али Ахмети остварил средба во Собранието со косовскиот премиер Авдула Хоти, кој е во официјална посета на Македонија

Ахмети и Хоти, како што соопштија од ДУИ, разговарале за проширување на соработката меѓу двете земји, со цел стабилност и просперитетот во регионот. 

Ахмети му честитал на Хоти за постигнатиот договор во Вашингтон, кој, како што се оценува, го отвора патот за заемно признавање меѓу Косово и Србија и истовремено овозможува интеграција во НАТО и во Европската Унија, како единствениот начин кој гарантира подобар живот за сите граѓани на Балканот.

Ахмети, како што се наведува, разговарал и за достигнувањата на Македонија, посочувајќи ги и договорите со Атина и со Софија и ориентацијата на земјата кон ЕУ.

Ахмети му порачал на Хоти дека компромисите на Македонија со Грција и Бугарија треба да бидат референтна точка
за дијалогот Косово-Србија.

На крајот од состанокот, лидерот на ДУИ истакнал дека Македонија ќе го поддржи Косово во спроведувањето на
неопходните и важни реформи, со цел да се поддржи владеењето на правото и правилното функционирање на косовските институции.

Џафери, пак, на средбата со Хоти, оценил дека испраќањето на 44 припадници на Армијата на Македонија во составот на КФОР, како наша прва ротација во мисија предводена од НАТО, ќе придонесе за натамошната стабилност како на Косово, така и целиот регион.  

Хоти, од своја страна, како што соопштија од кабинетот на Џафери, упатил честитки за значајните промени, исклучителните реформи и напредокот што го постигна  Македонија, оценувајќи дека со тоа е создаден нов моментум за развој и стабилност на целиот регион. Тој се осврна на состојбата во Косово, особено на планот на евроинтеграциите и го нагласи интересот за реализација на проекти за меѓугранична соработка меѓу  Македонија и Косово, финансирани од ЕУ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести