По пет месеци почна судењето за убиството на Саздовски, обраната тврди дека нема свирепо убиство врз човек кој изгубил свест, сведоците со исказ дека имале закани по живот

Објавил: Мирко Бачиќ | 9 ноември, 2018 12:27

Бесир и Скендер не се виновни, Саздо сам се убил од метална кутија

Фото/Текст извор: ©makfax/магазин.мк

Скендер Демири и Бесир Беља обвинети за убиството на 20-годишниот член на навивачката група „Комити“, Никола Саздовски, на денешното прво рочиште се изјаснија како невини за делото „убиство на свиреп начин”.

Јавниот обвинител во воведните зборови го изнесе обвинението пред судот во кое наведе дека согласно со доказите кои ЈО ги има прибавено во текот на овој судски процес ќе докаже дека обвинетите Бесир Беља и Скендер Демири заедно во присуство на обвинетиот Јетон Љужа, кој не е присутен и по кој е распишана потерница, на свиреп начин со убиство го лишиле од живот сега починатиот Никола Саздовски.

Обвинетите на 29 јуни годинава на булеварот Александар Македонски во Скопје на автобуската постројка кај „Алкалоид“ му пристапиле на оштетениот, му побарале лична карта по што го прашале дали е Никола Саздовски викан Саздо, по што тој тоа го потврдил.

Сите тројца заеднички почнале да го удираат со боксови по главата и телото. Од силата на ударите оштетениот изгубил рамнотежа, паднал на тротоарот по што обвинетите истовремено без милост со силни удари продолжиле да го удираат во градите и главата по што сега починатиот паднал во кома. Саздовски се здобил со повреди опасни по живот во облик на подливи, веднаш бил пренесен во клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’ и префрлен на КАРИЛ каде се констатирани повредите. Како резултат на повредите, Никола Саздовски починал на 9.07.2018. Обвинетите го сториле кривичните дела „убиство“ од член 123 став 2. Ова обвинение Јавното обвинителство ќе го докаже со материјални докази, но и со вербални од сведоци. – рече обвинителот Анел Фидовски.

Семејството на починатиот Никола Саздовски се приклучи кон прогонот на обвинителството.

Oдбрана на обвинетите ќе оди во правец на докажување дека немало никаква намера, волја, умисла на обвинетите да го лишат од живот сега починатиот Саздовски туку дека се работи за насилство.

Сметам дека ќе успееме да докажеме дека причина за смртта е металната кутија, односно канделабра од ЕВН, која се наоѓала на автобуската постројка. – изјави адвокатот Насер Рауфи. Нема свирепо убиство кај човек кој е во бесознание. Свирепо убиство претставува свест кај сторителот дека жртвата страда.

Одбраната ќе ја докажува невиноста на обвинетите преку реконструкција со увид на настан, испитување на обвинетиот и фотографии. 

Прв сведок кој треба да даде исказ за убиството на Никола Саздовски е неговата девојка која била присутна на лице место кога се случил нападот.

Богдановска запрашана од судијката Даниела Алексовска Стефановски дали имала закани од некого во однос на сведочењето за настанот, таа одговори позитивно.

Ми се јавија на телефон во училиште, не знам кој ми се јави. – рече девојката.

Судечкиот совет даде 15-минутна пауза по што ќе се одлучува за сведочењето на девојката на Саздовски земајќи го предвид фактот дека сведокот е малолетник.

Како сведоци за случајот повикани се пет лица меѓу кои и девојката на Саздовски, како и докторот кој ги констатирал повредите кај Саздовски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести