Од вечерва, Бигорскиот манастир го одбележува Отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован

Објавил: Мирко Бачиќ | 10 септември, 2018 13:20

Бигорски манастир го одбележува патронот

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Познатото македонско древно светилиште „Свети Јован Крстител”, попознат како Бигорски манастир, го одбележува Отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован.

На манастирската слава, вечерва, во предвечерието на празникот, ќе биде отслужена свечена архијерејска вечерна богослужба, во присуство на митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј, игуменот на манастирот архимандрит Партениј, заедно со бигорското братство и сестринствата од манастирите во Рајчица, Пречиста Кичевска и Кнежино, како и многубројни верници и посетители.

Славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската вистина и да ја јакне верата меѓу народот.

Сите заедно и ова господово лето, на овој ден, ја покажуваме должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот Претеча, велат од Бигорскиот манастир.

Огромното присуство на верници е проследено со огромна радост, зашто ова вековно духовно светилиште постојано силно сведочи за подвизите на Св. Јован Крстител.

Утре на денот на празникот ќе биде отслужена утрена богослужба, со почеток во 7:30 часот а во 9 часот почнува светата архиерејска златоустова литургија, со која ќе чиноначалствува митрополит г.Тимотеј.

Инаку, традиционално, како што било со векови, по повод патронот, во Бигорскиот манастир, престојуваат верници од сите делови на државава, кои овде доаѓаат неколку дена пред празникот, но најмногу вечерва и утре.

Без оглед од каде се, како што самите велат, за сите нив ова е место исполнето со спокој, мир и љубов.

Манастирот е основан во далечната 1020 година од првиот охридски архиепископ Јован Дебранин.

Посветен е на крстителот Господов, Свети Јован, за кого самиот Господ Исус Христос рекол дека меѓу родените од жена нема поголем од него.

Низ вековите минал низ многу премрежија и голготи, но опстоил за да говори за постоењето на православието на овие простори.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести