Барањето на дел од советниците при Советот на Општина Битола за чист воздух и субвенционирана цена на струјата, колегите од СДСМ го оценија за политички публицитет

Објавил: Мартин Попоски | 7 декември, 2018 8:43

Битолчани на протест за чист воздух, бараат субвенционирана цена на струјата

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Битолчани синоќа излегоа на протест за чист воздух, организирани од независната советничка група Поинаку.

Протестот се одржа пред Општина Битола, каде побараа да се преземат мерки за намалување на аерозагадувањето и субвенционирана цена на струјата.

Податоците велат дека во Битола бројот на заболени од белодробен карцином во моментот е 2.5 пати поголем од она на централно ниво. Бројот на заболени деца од малигни неоплазми е загрижувачки, додека концентрацијата на ПМ 10 честичките секој ден во Битола е над дозволеното ниво. Излеговме да го искажеме нашиот револт за она што и се случува на Битола. -рече Грабриела Илиевска, советничка од Поинаку.

Битолчани им дадоа поддршка на битолските советници за чист воздух, чин кој СДСМ го исполитизира, сметајќи дека како нова локална самоуправа направиле доволно, иако градот е најзагаден во Европа.

Советникот Иван Чулакоски рече дека очекувале поголемо присуство на битолчани, но се соочиле со политички опструкции.

Време е да покажеме дека Битола сака да живее. Барањето за субвенционирана струја е само прв и мал чекор од она што Битола треба да го добие во борбата за чист воздух. – рече Чулакоски.

Советот на Општина Битола претходно изгласа барање од Владата битолчани да плаќаат субвенционирана цена на струјата, поради загадувањето на РЕК што произведува 85 отсто од струјата во земјава.

Од локалното советничко мнозинство рекоа дека загадувањето е многу посериозен и покомплексен проблем, а само во последната година АД ЕЛЕМ заедно со Општина Битола вложија над 45 милиони денари за подобра животната средина.

Од самото доаѓање на новата локална самоуправа, заложбата за транспарентност и отвореност за дијалог е наш приоритет, заради тоа секаков повик за протест е апсурден, лицемерен и единствено служи за политички публицитет на организаторот. – рече советеникот Методија Илиевски до СДСМ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.