На сите нам, пред сè, ни требаат чесни и умни луѓе, со цврсти ставови и професионален интегритет и авторитет и тоа на највисоките позиции.

Објавил: admin@magazin | 4 јуни, 2018 10:13

Бранка Костиќ: Да се биде или не (интелектуалец) – прашање(то) е сега (задоцнето)

Фото/Текст извор: ©Бранка Костиќ

Поранешната новинарка на Телма, а актуелен претседател на Управниот одбор на Македонската филхармонија, утрово објави своевидна колумна на својот фејсбук профил. Ја пренесуваме во целост:

“Не верувам во случајности. Ништо, односно, речиси ништо (ајде да оставам некој процент за статистичка грешка) не е случајно. Ова не значи дека целосно и се препуштам на спонтаноста на живеењето, зашто сепак правам проекции и планови. Да се разбереме, тоа не е толку поради мене, колку што ми наложува општеството и неговите медиокритетски начела. Оттука, верувам дека и ова што ми се случи утринава, не е случајно. Заради разјаснување на некои работи околу интелектуалните права, отидов да побарам што кажауваат на Гугл, па иако речиси секогаш првиот избор ми е англискиот, ете, овој пат „случајно“ ги отчукав клучните зборови на српски. Првото нешто што ми се отвори беше еден Пи-ди-еф со наслов „Тко је и што је интелектуалац“ од Иван Безиќ [1]. И тргна возот. Потоа се сетив и на онаа популарната, од неодамна и Еф-би вирална статија „Полуинтелектуалац“ на Слободан Јовановиќ, којашто јас ја прочитав во мојот омилен „Политикин забавник“, а наоѓам на интернет дека ја превеле и објавиле и на порталот Окно.мк, и се зафркнав по којзнае кој пат [2]. На тоа се надоврзаа уште неколку најдени текстови кои се осврнуваат на проблемот, меѓу кои ме привлече и студиjaта на Борис Милосављевиќ со наслов “Културни образац и појам интелектуалца“. [3]

Иако, оваа тема ми е апсолвирана многу одамна, па интелектуалците, полуинтелектуалците и останатите ги препознавам “од авион”, само што тие кај нас се речиси редовно општествено позиционирани во огледало, ми беше одамна и јасно како ќе се трасира и мојата професионална патека. Ај, да не претерувам, па да кажам дека ми беше јасно уште кога тргнав во музичкото училиште на седумгодишна возраст, ама, богами, веќе пред запишувањето во средното ми беше совршено расчистено дека со професионалното влегување во доменот на убавите уметности, а носејќи го афинитетот кон читањето, пишување и промислувањето, ќе го носам проклетството да го живеам животот на луѓето кои ќе се занимаваат со „фини“ работи, а со тоа во самиот старт ќе треба да се откажат од „фините“ материјални добра. Оваа “расчистена“ работа ме сепна повторно. Изгледа само навидум сум била помирена со тоа која сум, што сум и каде ми е местото во домашниот и странскиот универзум. Тоа е. Што не е расчистено, треба да се расчисти или расчистува одново и одново. И во ова писание ќе се обидам да се изборам со фрустрациите на моето професионално ЈАС, иако не знам дали е воопшто можна сепарацијата на моето професионално ЈАС од приватното ЈАС.

Знаев дека ќе ми летне попладнево во интроспекции, анализи и дисеминации, ама си велам недела е, па уште детулево има вироза со температура и главно ќе го поминеме денов во мазење и пазење, одвреме-навреме ќе имам и некоја можност за читање. Испрочитав што немав прочитано за интелектуалците, па си реков да видам што вели „најпростата“ госпоѓа Википедија. Таа резимира дека: „Интелектуалец е израз кој во најшироката смисла означува лицчност кој се истакнува од останатите со својата интелигенција или образование, односно со интелектуалните способности кои ги користи во професионални и јавни цели. Понекогаш, интелектуалците се третираат како специфична општествена група или слој. Во тој случај, за интелектуалците се користи и заедничкиот израз „интелигенција“. Во потесна смисла, под инетелектуалец се подразбира секоја личност којашто врши интелектуална работа како доминантен дел на својата професија. И во најтесна смисла, интелектуалец е личност која благодарение на своите способности ужива углед, односно претставува авторитет во одредени области на општествениот живот, какви што се културата и науката“. [4]

Е, па си велам, ете зошто на некои луѓе им е доста од „голото“ уживање углед. Ќе дојде ли време да им биде овозможено своите врвни способности да ги искористат, пардон вложат, и во јавните цели, за општо добро, за наше добро и конечно, за нивното добро?

***

Како што претпоставив, после симнувањето на температурата на Марко со една доза Бруфен, тој заспа и ме „пушти“ да продолжам со дактилографскава терапија за мојава хронична интелектуална болест. Не можам да скријам, а и не кријам, дека веќе извесен период, со видно зголемена динамика, расте и мојата разочараност од развојот на нештата во општеството. Едно време си велев дека е тоа можеби заради големата радост и последователен елан што не обзема сите нас коишто редовно „мрчевме“ и „мрчиме“ против девијациите во природата и општеството, а што ја добивме битката против режимот којшто повеќе од една декада ни ја узурпираше слободата на мислење, говор и делување. Веројатно, тие големи очекувања и актуелните бавнодвижечите промени, проследени со едно чудо погрешни постапки и застранувања (и идејни и кадровски) условија да ме мавне ваква депресија. И никако да ми стане јасно, зошто? Добро, има и светли примери, зраци надеж, добри луѓе на соодветни места, наместени и разместени, но што правиме со оние другите, кои на секој чекор напред му реплицираат со три чекори назад. Аман, доста со македонсково оро на терен. Тоа е одамна ставено на сцена, таму и нека остане. Конечно, зошто историјава рондоидно да ни се повторува? Не научивме некоја лекција, не извлековме некоја поука? Се чудам зашто искрено верував во деполитизација, а во професионализација на нашава држава. Будалетинка, знам. Непоправлив оптимист, накај утопист. Како и да ме есапите, јас нема да го сменам мислењето дека прогресот лежи во умните луѓе. Еве, секојдневно, навистина секојдневно среќавам и си спомнувам на умни луѓе за кои сум уверена дека секој во делот на својата професионална профилираност, може да не однесе десет скалила погоре и да не избави од актуелново дереџе. Зошто никој не ги вика, зошто никој не ги ангажира? Еве ги тука меѓу нас. Да, има и такви (замислете), што сè уште „не фатиле фитиљ“ од земјава, а поводи и причини милион. Решиле и натаму ја живеат својата културност и достоинствено ја чекаат својата шанса без наметнувања. Само имаат „мала“ фалинка што не се доволно дрски, не се професионално и интелектуално дозирани (читај: преучени се, наместо приучени и податни за манипулација), не се политички подобни и не се доволно еластични за виткање рбет. Познавам и такви коишто се целосно повлечени во својот микро свет. Има и такви, коишто (повторно културно) се огласуваат преку социјалните медиуми, некогаш толку рафинирано и „меѓу редови“ што се речиси неразбирливи за најголемиот број следачи на нивните виртуелни оази – акаунти, профили или блогови. Мене лично ми значат и ваквите тивки „крикови“ на свест и совест, но за поголемиот дел од публикумот, тоа се (сè уште) само ветер и магла во етерот.

***

И, еве, по втор пат ја спуштивме температурата, и се ловам себе сѝ како, како некоја стрина, кукумјавчам дека ова време-невреме не е скроено за воспитаните и учените. А кое е? Ниту едно и секое, но, како и да вртам, ова дефинитивно не е. Или местово е проколнато, или му е баено од интелектуализам. Друга причина не ми паѓа на памет. Или се правам „на Тошо“, што знае да ми биде манир во личните шах-мат ситуации.

И повторно се туфкам што си ја нагрбачив темава, а сè уште не се имам ослободено од срамот што неодамна, токму овде на Фејсбук (а каде на друго место?) ме изеде, кога „се дрзнав“ да искоментирам за време на онаа прочуената лидерска телевизиска дебата. Кој ме читал знае што напишав, но кој не ме фатил во афектот, да објаснам дека имав ставено статус во кој изнервирана од делот на дебатата кадешто се зборува за состојбата во медиумите, напишав дека јас за еден миг би го средила културно-образовниот сектор на Јавниот сервис, само да ја имам таа можност. Навистина, ниту на крај памет не ми беше дека тоа ќе се претвори во јавна поддршка на мојата „себекандидатура“ за главен и одговорен уредник на МРТВ. Ме изеде срам. Буквално си го прегризав јазикот. А тоа, рака на срце, беше само еден крик на човек (за кој велат знае многу за културата и медиумите, па е затоа „осомничен“ за претензии), а кој е насилно тргнат од екранот во неговата полна професионална зрелост, па веќе две години „на мускули“ се одржува во медиумска кондиција (повторно овде, на Фејсбук, а каде на друго место?). И сочуствува со сите колеги од сите уништени медиуми. Ме боли за себе, ме боли за нив, ме боли за сите нас. Заради нас, но и заради вас, осакатена публико. Речиси не остана новинар од областа на културата кој делува во конвенционалните медиуми, не остана редакција, а за критика одамна престанавме и да зборуваме. Оние умните и писмените станаа „персони нон грати“ во македонскиот етер, работат овде-онде, поблиску или подалеку од својата матична дејност, а се доволно културни (ах, ги уби таа култура) за да се лактаат и да коленичат. Изгубија секаква надеж дека ќе имаат можност да го дадат својот општествен придонес. А тие што црпат макар малку ентузијазам од дното на своите петици, тоа го прават малтене волонтерски, од позиција на активисти или од почесните столчиња на некакви стручни комисии, одбори, тела, кои, за жал, најчесто служат за покритие на оние кои ги влечат главните потези. А неретко гледаме и случаи каде самите се жртви на заблуда дека им е дадена благородна задача да делуваат само од позиција на интелектуалци, зашто е „греота“ да трпи нивната професија. Ма, јалова ви е таа теорија. На сите нам, пред сè, ни требаат чесни и умни луѓе, со цврсти ставови и професионален интегритет и авторитет и тоа на највисоките позиции. Не ни требаат ниту курсисти-менаџери со поминати часови кај гуру-мотивациски говорници, ниту, пак, ни требаат партиски војници и подобни послушници. Клучот е во луѓето. Од погрешни луѓе на погрешни места патиме со години. Ќе се најде ли јунак да ја прекине таа пракса? Ќе се најде ли шизик да праша некој што знае како треба? Ако има заинтересиран, тие луѓе ќе ги најде „меѓу редовите“ на суптилните текстови на Фејсбук, како анонимни автори, како хонорарни коректори на туѓи неписмени „вонаби писмени“ писанија, како „технички“ пакувачи на нечии растурени мисли, консолидатори на нечии туѓи шупливи идеи, како „дактилографи“ на аналфабетски апликанти за државни награди, како промотори на дела без поенти, кои ќе му дадат смисла на делото и ќе ја убедат јавноста дека неговата шупливост вреди, како медијатори на разни ивенти на кои треба да им се даде рамка и да им се импутира шмек. Така е. Многу интелектуалци работат како најмени сезонски работници за оние кои немаат знаење, но имаат моќ да си го купат истото. Тажно.

***

И еве, околу полноќ, ѓавол ме натера повторно да седнам пред компјутерот и да направам уште една грешка. Изумив дека утре треба да испратам Си-ви на една адреса, па си реков пред спиење да го завршам макар тоа, зашто денес главно се занимавам со Марко и со моиве фрустрации за кои ви пишував погоре. Го отворив она најобемното Си-ви кое ми служи како лична архива и во кое ги апдејтирам сите активности во неколкуте области во кои делувам, за подоцна да можам да си извлекувам факти за Ци-вијата според потребите. Внатре многу работи, но прв пат се сетив да помислам дека никогаш, во ниту еден животопис никој не ги става оние работи кои ти земале време, а кои никогаш и никој не ти ги важи за референца. Ниту кај мене ги нема волонтерските ангажмани, сите исправени реченици направени на пријателска база, сите „спастрени“ биографии за аплицирање за награди, експозеа, Ин мемориам-ми, промоции, медијаторства, препораки… Не ми е жал, но ме жести кога тоа се смета за нешто што се подразбира или за нешто што е „мачји кашаљ„ за некој што го „бива“ за таа работа. Небаре тоа „бивањето“ го носиш од раѓање, а не се должи на долгогодишно инвестирање во мозочните клетки, макотрпна работа и константно себеапдејтирање и апгрејдирање.

***

Во моментов ми текнува дека околу проклетството на културњаците читав и во статусите-колумни на Небојша Вилиќ и отидов кај него на ѕид за да се потсетам за што точно стануваше збор. Погледнав и бараното го најдов во неговата претпоследна колумна, за која мислев дека цела сум ја прочитала, но излезе дека всушност не сум ја дочитала. [5] Ја исправив , пардон, ја направив грешката. Ја дочитав. Еве каде запнав и што ме дотепа. Тој, расправајќи за една дискусија водена во рамките на Биеналето на млади уметници, каде сведочел на контрадикторни изјави за (не)потребата за валоризација на авторскиот труд на уметникот, вели дека му било забележано дека неговата „позиција“ на вработен (во јавна институција) е комотна, па може да критикува кого сака и како сака. Потоа, Вилиќ ќе го напише и ова: „Пред малку, додека се шетавме со Морис, помислив на нешто и со насмевка на лицето заклучив: „Па и мене ме засега прекаријатот! За шест години на Фејсбуков напишав 110 текста, во приближен обем од над 500 страници, а никој ниту ми го плати тоа, ниту званично ми го признава. И јас сум прекаријатен работник!“ [N.B. За оние кои не знаат: овие текстови не ми влегуваат ниту во наставничката ниту во научната биографија, туку само во професионалната.] Но, ситуацијава и не е толку смешна, бидејќи е вистинита: наместо овие страници да пишував и остварував проекти, досега сигурно ќе заработев некои пари. За зијанот и да не зборувам: по текст трошам (доколку го пишувам еде нден) кутија цигари и 50на грама било „танзанија“ било „конго“ арабика, што вкупно би изнесувало: 75+150= 225 ден., а за сите текстови: 110х225 = 24 750 ден. или, цирка, 400 евра. [N.B. Истиве трошоци, а за подготовка на бесплатниот весник Критика би биле за околу 675 ден плус, по број, односно, за сите девет броја 6 000 ден или сè вкупно, цирка, 500 евра.] Па потоа помислив, на истава прошетка со Морис од пред малку, дека кураторите на Биеналето добиле хонорари (колку толку), што е сосема во ред. Но, не обезбедиле хонорари за уметниците, што не е во ред, особено ако едно од прашањата на Биеналето, кое тие го потегнуваат е – прекаријатната положба на уметниците. А мене ми префрлаат дека сум вработен, па ми било лесно, од таа позиција, да критикувам… хммм…“

И сега што уште да напишам после ова, освен дека сум идиот и идиот ќе си останам, што голем дел и од ова попладне и вечер си ги потрошив на читање и продлабочување на сфаќањето за себе во однос на светот и обратно, што ги исжалив сите занемарени умни луѓе и што се самоповредив по којзнае кој пат со сознанието за својата професионална судбина, никогаш доволно подобна за ниту едно општество? Кој ќе му ги плати на Небојша цигарите, а на мене чоколадите кои не држат будни додека војуваме овде на Еф-би фронтот во име на културната фела, а оние курназите за ова време сигурно згазиле преку неколку трупови, исколеничиле пред неколкумина моќници и ги уновчиле своите ефорти за „подобро“ општество? Знаете што? Искрено, за нив ми е гајле за нив, но се додека нивното битисување е правопропорционално со бескрупулозното игнорирање и толчење на вистинските професионалци, луѓето со личен интегритет, став, знаење, а над се човечност, сè дотогаш и јас макар ќе ги реметам со моите потсетувања на вистинските вредности, и, ако ништо друго, ќе им го нарушувам бесправно здобиениот комодитет. И како што ќе напише Вилиќ во една преписка со негова помлада колешка (а ќе сподели во гореспоменатата ФБ статус-колумна) и јас како него и натаму ќе “правам разлика меѓу: комУнитарното споделување поттикнато од просветителските идеи за прогрес и комОнитарното споделување поттикнато од интересот за статус кво.“. Тоа е. Од оваа кожа е доцна да бегам. Ќе терам така и во иднина, водена од онаа на Луис “I become a thousand men [or women] and yet remain myself…. I transcend myself; and am never more myself than when I do.”. [6]

Ве поздравува Бранка Костиќ-Марковиќ, комУнитарката, хуманитарката, и комуњарката (како што знаат да ме наречат оние што не ми ја поднесуваат искреноста, критичноста кон режимските методи, емпатијата и професионалноста). Колку ќе држи „инаетов“, ќе држи. Нервиве и така веќе ми се станати ортоми. Штом досега не се скинаа, не верувам дека допрве ќе попуштаат.“

Скопје, периодично во распонот од 02.06.2018 (од 11 часот претпладне) – 03.06.2018 (до 2 часот по полноќ)

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.