Брегзит без договор Британија би се соочила со катастрофа

Објавил: Узунов Бобан | 21 август, 2019 8:49

Брегзит без договор: Британија ја чека катастрофа, ќе нема храна, лекови, гориво !

Фото/Текст извор: ©магазин

Протече доверлив документ на владата во Лондон, кој предвидува погубни последици од хаотичното заминување од Унијата, објавија светските медиуми.

Во Велика Британија нема консензус меѓу противниците за излегување без договор дека таквиот исход може да се спречи, јавуваат светските медиуми.

Сè поизгледниот брегзит без договор може да ги уништи британската економија, инфраструктура и општество, вели британската влада во тајниот документ, кој протече до медиумите.

Во извештајот се наведува дека трошоците за храна и социјална заштита ќе се зголемат и дека може да има нарушувања во снабдувањето со лекови. Застоите на границите би можеле да го попречат снабдувањето со гориво, а пристаништата по сериозните проблеми делумно ќе заздрават по три месеци, со намалување на сообраќајот од 50 до 70 проценти, пренесува Радио слободна Европа.

Контроверзниот британски премиер кој многумина го нарелуваат “малиот Трамп” Александар Борис де Џонсон (роден на 19 јуни 1964), попознат како Борис Џонсон, е британски политичар, новинар и популарен историчар кој од позиција на премиер најавува дека ќе го спроведе Брегзитот и без договор со ЕУ. Тој е пратеник за Уксбриџ и Јужен Русилип од 2015 година. Тој претходно беше пратеник за Хенли од 2001 до 2008 година. Тој беше градоначалник на Лондон од 2008 до 2016 година, а од 2016 до 2018 година работел како секретар на Државата за надворешни работи и за комонвелт. Како член на Конзервативната партија, Џонсон се идентификува и застапува економски и социјално либерални политики

Претставници на британската влада тврдат дека документот е застарен и дека владата во последните неколку недели ги засилила подготовките за заминување без договор, истакнува Вашингтон пост, потсетувајќи ги критичарите на брегзитот дека напуштањето на ЕУ без договор ќе ја оштети економијата на Велика Британија, ќе ја девалвира фунтата и ќе создаде нестабилност.

Откриениот документ укажува на неволјите што Џонсон е спремен да ѝ ги наметне на Велика Британија следејќи ја екстремната опција фаворизирана од малцинството, за која не добил поддршка на избори, вели Фајненшл тајмс и оценува дека ова е „лудило со монументални размери“.

Иако владините претставници велат дека станува збор за најлошото сценарио од некој застарен документ, кој до медиумите го проследил незадоволен бивш министер, државните службеници јасно ставија до знаење дека наводите во извештајот не се заплашувања, туку реални претпоставки, додава британскиот весник.

Тврдењата од извештајот, презентиран пред Владата месецов, не се изненадувачки, вели Фајненшл тајмс, посочувајќи дека единствената нова работа е тоа што јавноста сега има можност да ги прочита деталите што ги одразуваат предупредувањата за брегзит без договор, кои министрите и претходно ги имаат слушнато од владините службеници.

Џонсон, од друга страна, инсистира дека неговиот строг став ќе ја натера ЕУ да го подобри договорот за излез, истакнува Фајненшл тајмс, со оцена дека британскиот премиер игра кукавички, но дека ЕУ засега не ни трепнува.

Никакви џонсоновски прчења нема да ги ублажат последиците од брегзитот без договор, поради што компаниите треба да се подготват за најлошото. Иако тврдиот брегзит е непожелен, би било лудо да се игнорира она што би можело да биде реалност за нешто повеќе од 10 недели, заклучува весникот.

Во своето прво патување во странство како шеф на британската влада, Џонсон неделава ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, за да ги убеди да се направи нов договор за брегзит, пренесува Ројтерс.

Велика Британија оди кон уставна криза и соочување со ЕУ, откако Џонсон повеќе пати вети дека земјата ќе ја напушти Унијата на 31 октомври без договор ако Брисел не се согласи на нови разговори за разделбата, оценува Ројтерс. ЕУ досега, посочува агенцијата, постојано одбиваше повторно да го отвори Договорот за повлекување, кој ја содржи и спорната заштитна мерка „бекстоп“ за границата меѓу Велика Британија и Ирска.

Џонсон ќе го зголеми влогот за брегзитот за време на посетата на Германија и Франција со порака дека Велика Британија ја напушта ЕУ со или без договор на 31 октомври, оценува Блумберг, додавајќи дека британскиот премиер ќе им каже на Меркел и на Макрон дека ЕУ мора или да понуди нов договор или да се соочи со напуштање на Велика Британија без договор.

Кабинетот на премиерот соопшти дека Џонсон ќе рече дека британскиот парламент „нема, и не може да го поништи референдумот“, посочува Блумберг, објаснувајќи во откриеното писмо дека Џонсон рекол дека Брисел едноставно не би се согласил на компромис сè додека верува дека постои и најмала можност Парламентот во Лондон го блокира брегзитот на 31 октомври.

Џонсон е под сè поголем притисок да го повика парламентот да ја прекине летната пауза за да разговара за кризата со брегзитот – но британскиот премиер рече дека парламентот би можел да биде и суспендиран за да се спроведе брегзитот, посочува Блумберг.

Велика Британија се движи кон брегзит без договор во време кога растат стравовите за глобалната економија и ескалира трговскиот конфликт меѓу САД и Кина. Покрај тоа, вели Блумберг, фунтата во август падна на најниското ниво од референдумот во 2016 година, при што британската економија во тримесечјето од април до јуни го имаше своето прво намалување за повеќе од шест години.

Лидерот на опозициските лабуристи Џереми Корбин вчера изјави дека ќе стори сè што е потребно за да се спречи брегзит без договор и дека се неопходни парламентарни избори, пренесува Би-би-си.

Џонсон, чие мнозинство во парламентот има еден пратеник повеќе од опозициските партии, го одби одржувањето избори пред крајниот рок за брегзит. Сепак, Корбин бара гласање недоверба против владата, со што би почнал клучниот период од 14 дена, по што автоматски би се распишале парламентарни избори ако не се најде мнозинство за алтернативна влада, пренесува Би-би-си.

Во текот на тие две недели, Корбин сака да биде привремен премиер, а потоа да го одложи брегзитот и да распише предвремени избори. Сепак, лидерката на опозициските либералдемократи, Џо Свинсон, рече дека Корбин е „поларизирачка“ фигура и посочи дека подобра опција за шеф на привремената влада би биле конзервативниот пратеник Кен Кларк, противник на излегувањето од ЕУ, или поранешната лидерка на лабуристите, Хариет Харман, вели британскиот сервис.

Иако Корбин рече дека ќе стори сè што е потребно за да спречи брегзит без договор, тој нема да го стори тоа, проценува колумнистот на Гардијан Сајмон Џенкис.

Корбин нема да ја отфрли партиската реторика и да собере парламентарна коалиција што би можела да спречи излегување без договор, ниту ќе им отвори пат на другите потенцијални и помалку спорни лидери, вели Џенкис и оценува дека секој збор на Корбин им отежнува на либералите или конзервативците што не го поддржуваат брегзитот да му дадат поддршка, барем привремено.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести