Бугарскиот претседател Румен Радев тогаш со декрет назначи привремена влада на чело со Стефан Јанев и ги закажа денешните избори!

Објавил: Владо Марин | 11 јули, 2021 10:42

Бугарија денеска гласа на парламентарни избори: Ќе добие ли политичка влада?

Фото/Текст извор: ©360 степени/магазин.мк

Скопје очекува дека по денешните парламентарни избори Софија ќе добие политичка влада и функционални институции за да се продолжи со разговорите за отстранувањето на ветото за преговорите на Македонија со ЕУ!

Граѓаните на Бугарија денеска по 12. пат од соборувањето на комунистичкиот режим на Тодор Живков во 1989 година, гласаат на парламентарни избори. Ова се втори парламентарни избори за помалку од четири месеци откако по претходните, одржани на 4 април годинава, ниту една политичка партија не успеа да договори коалиција и да формира влада.

Бугарскиот претседател Румен Радев тогаш со декрет назначи привремена влада на чело со Стефан Јанев и ги закажа денешните избори.

Право на глас денеска имаат 6,7 милиони граѓани, а гласањето за првпат ќе биде електронски преку машини. За место во парламентот се борат 17 партии и шест коалиции, а според анкетите, очекувањата се во новото бугарско собрание да влезат шест до седум партии со оглед на тоа што три партии и една коалиција се близу до прагот од четири проценти кој е потребен за влез во парламент.

Јанев, кој е на чело на техничката влада, порача дека денеска треба да се покаже одговорност за изградба на политичка власт и изрази очекување дека по денешното гласање некој ќе успее да формира влада.

„Гласањето е наша одговорност и можност преку партиите да ги покажеме нашите желби и визии за изградба на власт и за транспарентно управување во интерес на Бугарија. Од нас зависи иднината на земјата, нејзините социјални, образовни, економски политики, ги повикувам сите масовно да гласаат… Се надевам дека ќе се формира кабинет по изборите. Сè зависи од предвидлив и стабилен кабинет“,

рече Јанев.

И Скопје очекува дека по денешните парламентарни избори Софија ќе добие политичка влада и функционални институции за да се продолжи со разговорите за отстранувањето на ветото за преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Вчера премиерот Зоран Заев, во изјава за медиумите, посака Бугарија да има успешни избори, за потоа да може да се добие зелено светло за нашите евроинтеграции.

„Лично мислам дека ги адресирав сите важни работи на билатералните разговори на 17 јуни при посетата на Бугарија. Остана да се избере бугарскиот парламент и да се избере владата за да имаме надеж дека ќе се донесе одлука. Очекувам декември годинава да биде донесена одлуката, но секако да оставиме процесите да бидат успешни за да може да се израдуваме со позитивна одлука“, рече Заев.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.