Дипломат кој присуствувал на состанокот рекол дека бугарскиот претставник имал „долг и емотивен говор“ на оваа тема.

Објавил: Перо Милчин | 22 октомври, 2020 6:46

Бугарија се заканува со вето за Македонија: Ќе каже „НЕ“ за меѓувладина конференција

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Бугарија вели дека ќе стави вето на формалниот старт на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ ако не се земат предвид нејзините грижи за јазикот и историјата, рекле дипломати по состанокот на амбасадорско ниво во ЕУ, пренесува угледниот магазин Политико.

Дипломат кој присуствувал на состанокот рекол дека бугарскиот претставник имал „долг и емотивен говор“ на оваа тема.

На вчерашниот состанокот на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ за првпат тема на дискусија беше преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија, која летото ја предложи Европската комисија. Рамката, објаснува Политико, треба да биде поддржана од сите земји-членки на Унијата, за на крај Советот на ЕУ со кој во моментов претседава Германија, да ја претстави позицијата на ЕУ на двете земји и со тоа официјално да се отворат преговорите, пренесува 360 степени!

Очекувањата, пишува магазинот, беа дека на министерскиот состанок на Советот за општи работи на 10 ноември ќе се даде поддршка за преговарачката рамка, но сега Софија може да ги попречи ваквите планови.

Во текстот објавен вчера, Политико потсетува дека патот до отворањето на преговорите на земјава со ЕУ досега беше тежок, нагласувајќи дека претходно морал да се реши 30-годишниот спор со Грција околу името, а потоа пречка била и групата земји предводени од Франција кои бараа реформа на преговарачкиот процес поради што беше усвоена и нова методологија.

Вчерашната дискусија на амбасадорско ниво, според Политико, главно се водела и околу новата методологија, а некои земји-членки изразиле сомнежи за тоа како според методологија можат да се суспендираат преговорите, брифирале двајца дипломати.

Угледниот магазин пишувајќи за патот на земјава кон ЕУ посетува и на тоа дека Северна Македонија во 2017 потпишала Договор за добрососедство со Бугарија, но ги нагласува и односите помеѓу двете земји во последните неколку недели.

Политико пренесува и изјава од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој вели дека земјава е посветена на спроведување на Договорот, како и дека Бугарија досега играла позитивна улога да го врати проширувањето на ЕУ повторно во агендата. Меѓутоа, потенцира Димитров, досегашниот успех може да биде ставен под ризик ако не се излезе од овој ќор-сокак.

„Ако ЕУ е заедница во која се вреднува различноста, едноставно, не е во ред македонскиот јазик да биде пречка за нашата европска иднина“, рекол Димитров за „Политико“.

На крајот од текстот, овој магазин потенцира дека амбасадорскиот состанок во средата е само прва дискусија и има шанси да се спаси сиот процес.

„Сè уште има простор за дипломатија“, рекол еден од дипломатите учесници во дискусијата алудирајќи на подготвителните состаноци за следниот самит во рамки на Берлинскиот процес, на кој на 10 ноември во Софија ќе се соберат лидерите од Западен Балкан и ЕУ. Тоа е и денот кога треба да се одржи состанокот на Советот за општи работи при ЕУ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.