Изградбата на покриениот Градски пазар во Велес е од големо значење за регионалната економија бидејќи од него остваруваат егзистенција голем број земјоделци и трговци од целиот регион.

Објавил: Перо Милчин | 3 април, 2021 16:20

Велес ќе добие современ Градски пазар што е од големо значење за регионалната економија и за земјоделците

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод старт на работите на новиот Градски пазар во Велес.

На настанот покрај премиерот Заев присуствуваа и Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес, Љупчо Николовски, заменик-претседател за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Фатмир Битиќи, заменик-претседател на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, Горан Милевски, министер за локална самоуправа и Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Заев:

„Ми претставува посебно задоволство да бидам дел од овој настан со кој се означува стартот на работите на еден од најзначајните капитални проекти за Велес и велешани – изградбата на новиот Градски пазар.

И овој проект е еден од оние кои се остваруваат од соработката меѓу Владата и општините. За реализација на овој проект обезбедени се финансиски средства во висина од 86 милиони денари и тоа 40 милиони денари Општина Велес ги обезбеди преку Владата на Република Северна Македонија од ставката за капитални дотации на единиците на локалната самоуправа, а останатите 46 милиони денари како заем од Светска банка преку Програмата за подобрување на општинските услуги.

Дополнително, се очекува финансиска поддршка во висина од 15 милиони денари и преку Центарот за развој на Вардарски плански регион, што треба да ги обезбеди Бирото за регионален развој. Со тоа се обезбедени потребните финансиски средства за комплетна изградба на покриениот пазар.

Градежната парцела опфаќа вкупно речиси 4.200 квадратни метри од кои 2.300 квадратни метри површина е наменета за продажба на производи.

Новиот Градски пазар се гради според најсовремени стандарди за ваков тип објекти како за продавачите, така и за купувачите.

Изградбата на покриениот Градски пазар во Велес е од големо значење за регионалната економија бидејќи од него остваруваат егзистенција голем број земјоделци и трговци од целиот регион.

Конечно после неколку децении велешани ќе добијат современ Градски пазар каде земјоделците и трговците ќе имаат соодветни и нормални услови за продажба на своите производи.

Новиот објект ќе го врати животот на левата страна на градот и ќе поттикне развој и на нови урбани содржини од интерес на граѓаните. Но најважно од сѐ, ќе придонесе за зајакнување на економскиот развој на градот и регионот.

Развиени општини значат силна економија и затоа Владата континуирано охрабрува и поддржува вакви капитални проекти.

Во соработка со локалните самоуправи ја продолжуваме поддршката на трајни добра како изградба и реконструкција на локална патна инфраструктура, водоснабдителна мрежа, канализациони мрежи, реконструкција, изградба на градинки и училишта и спортски објекти, здравствени установи и сето тоа за подобрување на животот на граѓаните, за нови вработувања и економски развој”

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести