Така било пишано… Драган имаше благо покачена температура три – четири дена. Со оглед на пандемијата на Ковид 19, решивме дека треба да се тестира, да бидеме на сигурно со дијагнозата.

Објавил: Владо Марин | 17 мај, 2020 19:39

Весна Вучиќ за последните моменти со сопругот Драган: Верувам дека ќе биде запаметен по добро!

Фото/Текст извор: ©Фокус

Поминав цели 40 години со човекот кој најмногу го сакав. Цели 40 години и тој мене најмногу ме сакаше. Што друго да кажам, освен дека тоа е најголемиот благослов кој некој може да го има во животот – со овие зборови за ,,Фокус” ја започна својата приказна Весна Вучиќ, сопруга на легендарниот музичар, композитор и ТВ водител Драган Вучиќ, кој пред две недели почина поради компликации од корона вирусот.

Веста за смртта на популарниот и како што многумина го нарекуваа, ТВ водител со најдолг стаж пред малите екрани, одекна не само во земјава, туку и во целиот регион.

Неверување, шок, пораки со сочувство од страна на целата естрада, на луѓе кои со децении свикнаа да го гледаат во неговите забавни емисии, кои ги сакаа песните кои тој ги отпеа, или пак ги компонираше за свои колеги.

Имаше разни шпекулации овој период, затоа се чувствував должна, во името на Драган да појаснам,бидејќи и тој би го направил истото. Играше со отворени карти целиот живот, не беше злопамтило кога некој ќе го критикуваше во јавност, јасно му беше што е шоу бизнис, а што вистински живот. Верувам дека ќе биде запаметен по добро, оти тој целиот живот си го распосла по нашата сцена и остави дел од себе во секој свој проект – заврши Весна Вучиќ.

На прашањето како започна се, како се одвиваше битката со болеста која го прекина во чекор човекот полн со животен елан и енергија, Весна раскажува дека животот знае да биде непредвидлив, но пред болеста и судбината сите сме исти.

-Така било пишано… Драган имаше благо покачена температура три – четири дена. Со оглед на пандемијата на Ковид 19, решивме дека треба да се тестира, да бидеме на сигурно со дијагнозата.
Тестот за жал, беше позитивен. Кога температурата започна да надминува над 38,5 степени, тој беше префрлен на Инфективната клиника во Скопје. Во меѓувреме, и јас се тестирав, иако немав симптоми. И мојот тест се покажа позитивен на вирусот. Ја започнавме нашата битка со новиот и недоволно познат непријател, со вирус кој е доста сериозен и не смее да се потценува неговата моќ.
Драган добиваше кислородна поддршка на клиниката, јас престојував дома, се слушавме телефонски, си разменувавме пораки. По една недела на клиника, тој ја изгуби битката, почина од компликации од вирусот. Не можам да зборувам за нашиот последен разговор, за последната СМС порака…

Премногу е болно за мене, и јасно ми е дека по првичниот шок, тагата и празнината нема да стивнат. Сепак, сакам од се срце да се заблагодарам на целиот медицински тим, на таа неверојатна посветеност и грижа која што му беше пружена на мојот сопруг во тој период. Лавовски, буквално гинеа за доброто на пациентите, правеа се што е во нивна можност. Болеста излезе посилна од лекарските напори, Драган ни се излизга помеѓу прстите – вели Весна.

Веста за неговата смрт ја скршила, но поради прописите поврзани со болеста, таа морала да остане дома, во изолација и не присуствуваше на неговиот погреб.

-Мартин и неговата сопруга, блиски луѓе и пријатели, отидоа да го испратат Драган на последното патување. Во тоа време, додека траеше погребот, излегов на прозор. Под прозорот се собрале моите добри другарки, моите драги личности кои во едни вакви услови, нови за целото човештво, на свој начин ми ја дадоа својата поддршка и ми покажаа дека се покрај мене. Преблагодарна сум им, не знам како ќе ги поминев тие моменти, додека син ми го погребуваше својот татко, ако ги немав нив, да ме утешат.

Истиот ден, неколку часа по погребот, мојата состојба се влоши, ми се појавија проблеми со дишењето. Бев префрлена на клиника, каде лекарите и целиот медицински персонал ми ја даде потребната нега, но и поддршка која ми беше потребна во тој период. Останав на клиниката седум дена, состојбата ми се подобри значително откако добив плазма од пациент излекуван од Ковид 19, и по два негативни теста бев пуштена дома. Пропишана ми беше 14 – дневна изолација, и сум во добра здравствена состојба. Физички добро, но емотивно скршено – раскажува Весна.

Вели дека според неа, токму донираната крвна плазма од анонимен пациент излекуван од вирусот и помогнала да закрепне. Затоа, апелира до сите кои го прележале вирусот, да не се двоумат, туку да станат донори.

-Излекуваните лица можат да ги спасат животите на оние кои се борат со овој страшен и опасен вирус. Од срце им упатувам порака да донираат крвна плазма, да не чекаат. Мора сите да се обединиме во ова зло, да бидеме солидарни, оти болеста не избира, секој може да биде следниот. Не е важно кој е популарен или анонимен, секој човечки живот исто вреди, мора да се покаже заедништво во ова зло кое се надвисна над човештвото. Таа солидарност, таа ситуација кога сме исти во болката, најдобро се гледаше на Инфективната клиника каде што престојував. Во исто време, таму беше сместена млада жена од Липково, Аида, која беше позитивна на вирусот, а го очекуваше раѓањето на своето бебе. Исто така и Елена, и таа позитивна, со штотуку родено бебе, кое за среќа беше негативно. Тие беа толку грижливи кон мене, јасно им беше низ што минувам, бидејќи го изгубив сопругот, и покрај нивните грижи со болеста, сепак покажаа една неверојатна човечност кон мене. Сите сме еднакви и мораме да си пружиме рака, тоа е она кое оваа болест ни го испиша помеѓу редови – вели Весна.

Кога се вратила дома, се изненадила од многубројните пораки со поддршка, пораките со сочувство и љубовта која доаѓала од сите страни. Нејзини пријатели, роднини, колеги на Драган, луѓе кои го сакале неговиот лик пред малите екрани, иако дури и никогаш лично не го запознале, сите тие зборови на утеха кои и биле напишани, за неа биле како мелем на раната.

-Сета таа љубов која ме опкружи од луѓе кои и дури лично не го сретнале Драган, мене ми ја стопли душата. Драго ми е што знам дека беше сакан и почитуван. Драго ми што тој беше мој сопруг, татко на нашиот син. Благодарна сум му што ми го даде Мартин. Благодарна сум му за сите овие години, за поддршката и љубовта, за сигурноста која што ми ја пружи. За оние кои го познаваа, тој беше стожер на семејството, бевме многу приврзани и секогаш знаеше да каже – Првин семејството, потоа работата.

Така и беше, јас и Мартин ја имавме привилегијата да живееме покрај таков голем човек. Исто така, Драган започна да работи уште на свои 15 години. Со музика заработуваше, потоа и со емисиите, тој секогаш успеваше да ја оствари таа врска со народот, да биде актуелен со своите теми, да ги насмее луѓето, да им остави дел од себе во секое свое дело, песна, емисија… Остануваат спомените, 25 години телевизиски придонес, многу убави песни, пријателства. За него сите луѓе беа исти, токму поради тоа и куќата секогаш ни беше полна со народ, знаеше дури и кога мајстор ќе ни дојде да поправи нешто, со часови да разврзе муабет со кафето, како да се знаат го години. Со него секој разговор течеше лесно, животот беше убав – се сеќава Весна.

Околу тоа како се инфицирал Драган, таа вели дека никогаш не дознале, бидејќи тој уште од самиот почеток на пандемијата се придржувал до мерките. Носел заштитни ракавици, без маска не излегувал надвор, одел само до пазар или маркет.

-Дури и во зима, поради загадувањето на воздухот, Драган не излегуваше од дома без заштитна маска. Сега, кога започна пандемијата, тој за до маркет носеше ист пар чевли кои ги оставаше надвор, ракавиците ги фрлаше во корпата пред врата. Беше исклучително внимателен, одеше на пешачење, избегнуваше места каде има повеќе народ. Но ете, така требало да биде… Вирусот е опасен, за оние стигматичарите, можам да кажам дека не е игра и треба да се сфати сериозно. Во иста болка сме споени со стотина семејства од земјава кои изгубија свои блиски поради оваа болест, во иста состојба се најдовме над 1.000 луѓе кои се инфициравме. Мора да ги следиме препораките и да покажеме почит кон здравствените работници кои пожртвувано работат и даваат се од себе во овој тежок период. Би му се заблагодарила и на нашиот матичен лекар, кој во времето кога бевме дома со потврден вирус, доаѓаше кај нас, се грижеше и се трудеше да ни помогне максимално. Да им се заблагодарам на сите оние кои од Инфективна клиника ме испратија со најдобри желби, кои се радуваат како деца секогаш кога некој ќе се излекува. Тие се херои на денешницата – вели Весна.

Исто така, таа се заблагодари и на колегите на Драган кои му посветија песни, видео клипови и кои на социјалните мрежи, во изолација, најдоа начин да му оддадат почит на свој начин, со музика.

-Од судбината не се бега. Решив јавно да излезам и да споделам со народот кој беше покрај Драган сите овие децении, со неговата верна публика и луѓето кои го почитуваа, да раскажам што се случи.

Ова е вистината. Имаше разни шпекулации овој период, затоа се чувствував должна, во името на Драган да појаснам,бидејќи и тој би го направил истото. Играше со отворени карти целиот живот, не беше злопамтило кога некој ќе го критикуваше во јавност, јасно му беше што е шоу бизнис, а што вистински живот.

Верувам дека ќе биде запаметен по добро, оти тој целиот живот си го распосла по нашата сцена и остави дел од себе во секој свој проект – заврши Весна Вучиќ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Интервју

„Има документи, согласности, уснени согласности, телефонски разговори, за секој пациент докторите се должни да ги информираат. Ние први воведовме видеоконференција

Жан Митрев: Не се плашам од обвинение, ќе се докажувам и 100 години ако треба – никогаш не сум рекол дека хемофилтрацијата е лек

Неговиот вечерашен јавен настап во кој се бранеше од наводите во документарниот филм...

Зошто никој не зборува за германскиот предлог во времето на владата на Меркел, од нивното претседателство, каде исчезна тој?

Имам информации дека владата на Ковачевски го прифатила предлогот од Париз

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вчерашното гостување во емисијата...

„Јас не се занимавам со економијата на семејството, колку пари кружеле… Добро е, дојдете еден ден кај мене дома, зборувајте со мојата сопруга“, рече Ахмети.

Ахмети не знае колку чини маслото за јадење: Зборувајте со сопругата, не се занимавам со економијата на семејството

Лидерот на ДУИ Али Ахмети во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21кажа дека...

Вели дека е подготвен во секој момент да седне на маса и да разговара за сите теми со Ковачевски, но на тие средби ќе мора да се разговара и за предвремени ибори.

Мицкоски: Немам намера никого да уценувам, подготвен сум во секој момент да седнам на маса

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека блокадата на Собранието не е начин...