Никого нема да оставиме сам да се справува со последиците од економско-енергетската криза, оваа криза ќе ја пребродиме сите заедно, порача на денешната прес-конференција претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски. Премиерот Ковачевски го презентираше новиот пакет антикризни мерки во вредност од над 350 милиони евра.

Објавил: Едмонд Бекири | 9 октомври, 2022 16:41

(ВИДЕО) Владата со нов пакет мерки вреден над 350 милиони евра за справување со кризата

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Нов сет мерки за справување со енергетската и ценовната криза, вреден над 350 милиони евра, донесе Владата на денешната седница. Како што соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски, со овие средства, севкупната поддршка за полесно пребродување на кризата во сите сфери досега изнесува 750 милиони евра.

Никого нема да оставиме сам да се справува со последиците од економско-енергетската криза, оваа криза ќе ја пребродиме сите заедно, порача на денешната прес-конференција претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски. Премиерот Ковачевски го презентираше новиот пакет антикризни мерки во вредност од над 350 милиони евра.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

Знам дека е недела, но ова се кризни времиња и сите ние, вклучувајќи ме и мене мора да делуваме соодветно, брзо и одлучно, затоа што пред нас е исклучително тешка зима и мора секојдневно да се носат одлуки кои што ќе значат полесно справување со сите предизвици кои што ги имаме.

Денес со мене се министерот за финансии, министерот за економија, заменик премиерот за економски прашања, директорот на Развојната банка, министерот за труд и социјала и директорот на УЈП, доколку имате прашања ќе можете да им поставите на сите нив, после моето обраќање.

Клучната порака на оваа прес-конференција е дека никого нема да заборавиме како што тоа беше случај и во претходните месеци и претходните две години и никого нема да оставиме сам да се справува со последиците од оваа криза, затоа што оваа криза ќе ја пребродиме сите заедно.

Мојата работа денес, а и секој ден понатаму, како и во сите изминати денови е да овозможам сите заедно, заеднички да ја пребродиме зимава на најдобар можен начин. Да ја пребродиме затоа што знам дека на пролет ќе биде подобро од она што нѐ очекува во наредните неколку месеци од зимата.

Оваа криза со која што се соочуваме не само тука, туку и во најразвиените земји е најтешката, најголемата криза после Втората светска војна, вие гледате дека сите извештаи на медиумите укажуваат дека се работи за највисоки стапки на инфлација во последните 50 години, ги гледате сликите од Франција каде што веќе има недостаток на дизел за возилата, каде што километарски колони се пред бензинските пумпи, меѓутоа секоја држава се справува на најдобар можен начин во однос на капацитетите со кои што располага, а секако заедно со нашите партнери од НАТО и заедно со нашите партнери од ЕУ и од регионот и ние се справуваме со кризата.

Заедно со нашите партнери и пријатели од ЕУ, како што кажав и ќе повторам уште еднаш, и заедно со нашите партнери од регионот и со нашите соседи ќе се погрижиме сите, буквално сите да бидат згрижени во текот на оваа зима. Знам дека сите граѓани се загрижени, нема граѓанин во нашата држава, во регионот и во Европа кој што не е загрижен од она што го гледаме секој ден на телевизиските екрани од боиштата во Украина, меѓутоа и од се она што излегува како информации во однос на економските показатели, затоа делуваме одлучно и преземаме мерки кои што ги ублажуваат ефектите на оваа криза.

Ќе биде тешко и кај нас, ќе биде тешко и во многу други земји, но тука дома сите да имаат доволно греење и доволно храна за да ја преживееме зимата.

Затоа денес на 88-та седница на Владата со министрите ги финализиравме мерките за поддршка на граѓаните и компаниите во време на економско- енергетска криза. Изминатиов период бевме навистина посветени на изнаоѓање на начини како да продолжи поддршката која ќе овозможи да го заштитиме животниот стандард на граѓаните но и ликвидноста на компаниите. Тоа се двете најважни работи и тоа е нашиот фокус до денес. Но од денес уште попосветени во надминувањето на ефектите од оваа глобална криза.

Нашата економија само што почна да заздравува и да бележи раст после пандемијата во која издвоивме регионално рекордни 1,2 милијарди евра, се случи војната во Украина која ја продлабочи кризата. Ние како Влада, делувавме брзо и одлучно, јас тогаш ви презентирав сет на мерки во вредност од 400 милиони евра со кои реално го ублаживме ценовниот шок и го заштитивме животниот стандард на граѓаните.

Денес, со најновата одлука, повторно, менаџираме добро со буџетот и ги враќаме парите назад кај граѓаните но таму каде што е најмногу потребно, кај најранливите категории на граѓани.

Донесовме нов сет на мерки за справување со енергетската и ценовната криза вреден над 350 милиони евра за кои економскиот импакт се очекува да уште биде поголем. На овој начин, со мерките кои ги донесовме во текот на 2022 година, вкупниот пакет на антикризни мерки изнесува досега 750 милиони евра.

По длабоки и долги консултации со експертите, со претставници на работодавачи, на здруженија на пензионери, со претставници на Стопански комори инсистирав да делуваме на повеќе нивоа за да може буквално сите да бидат опфатени.

Од една страна, нашата, мојата цел за оваа зима е да ги искористиме максимално ресурсите со кои располагаме, контактите со нашите пријатели од Европа, од регионот, контактите со најблиските соседи и да го исполнуваме нашиот план за обезбедување ресурси и пред се електрична енергија за семејствата, за училиштата, за болниците, за претпријатијата.

Затоа и изминатиов период јас и мојот тим бевме и во Бугарија и во Грција на средба со нивниот премиер, и разговарав со претседателот Вучиќ, министерот Бектеши беше во Турција на разговори со нивната државна компанија за електрична енергија, јас разговарав со претседателот Ердоган. Енергенси, струја, но и парно во Северна Македонија мора да има.

Од друга страна, усвојуваме таргетирани мерки кои ќе бидат поддршка за најранливите граѓани, што од друга страна е и препорака на меѓународните финансиски институции. Ние се наоѓаме во тежок период во кој што нема простор за изобилие, туку има простор за солидарност и поддршка на оние кои што се најранливи категории во општеството.

Во исто време, се трудиме да изнајдеме начин како она што веќе е поддршка за граѓаните и компаниите, да го продолжиме и понатаму за да обезбедиме сеопфатен пристап.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.