Пендаровски посочи дека оваа година е од големо значење за нашата држава поради решавањето на деценискиот спор за името со Грција и имплементирање на потребните реформи.

Објавил: Катерина Крстиќ | 8 септември, 2020 12:07

(ВИДЕО) Пендаровски: Патот по кој тргнавме бара политичари кои носат одлуки во интерес на граѓаните

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Пред скоро три децении, во 1991-та, на референдум, убедливо мнозинство наши граѓани гласаа да живеат во независна, слободна и демократска Република Македонија. Оттогаш имавме и напредок и падови во борбата за демократски вредности. Патот по кој тогаш тргнавме не е лесен. Тој бара политичари кои носат одлуки во интерес на граѓаните, транспарентни институции, постојан дијалог меѓу власта и опозицијата, граѓански сектор кој ја преиспитува работата на секоја власт и слободни медиуми кои работат за јавниот интерес, а не под диктат на политиката или бизнисот, истакна во своето обраќање претседателот на државата Стево Пендаровски по повод денот на независноста 8-ми септември.

Исто така, демократијата не препознава дискриминација врз основа на национална или етничка припадност, боја на кожа, пол, сексуална ориентација, социјално потекло, верско или политичко уверување, попреченост или која било друга основа.Оваа година беше тешка и за нас и за светот поради пандемијата на Ковид-19. Криза која ги зафати сите сфери на нашето живеење и остави трајни последици врз начинот на кој работиме, се дружиме, начинот на кој учат нашите деца. Пандемијата сигурно ќе биде со нас уште некое време и ќе донесе дополнителен притисок врз целото општество. Но, со заеднички сили и посветена, напорна работа можеме да ги надминеме тие проблеми.

Пендаровски посочи дека оваа година е од големо значење за нашата држава поради решавањето на деценискиот спор за името со Грција и имплементирање на потребните реформи.

Станавме полноправна членка на НАТО и со тоа исполнивме една од двете главни стратешки цели на надворешен план. Оваа година очекуваме уште еден успех – формален почеток на преговорите за членство во ЕУ. Ако постои национален консензус за тоа на зборови, сега е нужен и реален, конкретен консенсус меѓу власта и опозицијата, невладиниот сектор и бизнис заедницата за брзо завршување на преговорите затоа што тие се исклучително значаен инструмент за подобрување на животот на сите наши граѓани. Почнувајќи ја триесеттата година на нашата независност, очекувам, Вие граѓаните да останете гласни и постојано да барате од нас политичарите одговорност затоа што ние сме должни да работиме во ваш интерес. Заеднички императив е следните години да живееме многу подобро отколку до сега. Со многу работа и со меѓусебно почитување тоа сигурно ќе го постигнеме, посочи Пендаровски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.