Неколку големи пожари беснеат низ државата

Објавил: Узунов Бобан | 23 март, 2019 20:31

(видео) Страшна состојбата со пожарот во Кавадарци, огнот се приближува кон градот

Фото/Текст извор: ©магазин

Командиорот на Територијалната противпожарна единица Кавадарци, Александар Чадамов, информира дека во моментов во гаснење на пожарот во Росоманско, кај селото Манастирец, учествуваат девет пожарникари и пет работници од „Македонски шуми”.

Во моментов ги повикуваме сите слободни пожарникари кои не се на смена, за да не го оставиме градот Кавадарци на милост и немилост, бидејќи огнот од кај Трстеник се движи кон Кавадарци и борјата на ридот Голем Љубаш, кои се своевидни бели дробови за кавадарчани, нагласува Чадамов.

Дополнителна екипа пожарникари е испратена на новото жариште кај Трстеник.

Попладнево во велешко избувнаа уште два нови пожари. Едниот над реката Тополка на неколку километри од Велес, а вториот над манастирот кај велешкото село Оморани.

Како што информираат од ТППЕ Велес, во пожарот над Тополка гори сува трева, но во пожарот над манастирот кај Оморани гори и ниско стеблеста дабова шума и трња. Во нивно гаснење вклучени се екипи од противпожарната единица од Велес.

Поради опасност од повторно распламтување на пожарот кој вчера избувна во боровата шума кај селото Караслари, кој беше локализиран денеска на пладне, екипи на Шумското стопанство „Бабуна“ од Велес се уште се на терен. Со пожарот беа зафатени околу 50 хектари квалитетна борова шума.

Директорката на Шумското стопанство Љубенка Попова, за МИА рече дека пожарот бил локализиран во 11 часот денеска но повторно избувнал и бил локализиран околу пладне.

-Поради опасноста од повторно да се обнови овој голем шумски пожар, нашите екипи се уште се на терен каде ќе бидат во текот на ноќта и утре, појасни Попова.

Таа информира дека во гаснењето на пожарот, вчера вечер и денеска, учествувале и два авиона на Дирекцијата за заштита и спасување.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.