Путин на удар на познат спортист

Објавил: Узунов Бобан | 30 јули, 2019 7:25

(видео) Хокеарската ѕвезда Артеми Панарин со критики за Путин: Мислам дека веќе не разбира што е исправно, а што не е !

Фото/Текст извор: ©магазин

Рускиот претседател Владимир Путин не само што се фали дека е сериозен спортист, туку и го нагласува фактот дека се дружи со спортисти. Ретко некој од нив се осмелил да го критикува. Сè досега. Хокеарската ѕвезда Артеми Панарин неодамна го критикуваше Путин и ситуацијата во Русија.

За време на своите речиси две децении на власт, рускиот претседател Владимир Путин постојано ги нагласува своите спортски способности – вистински или замислени.

Џудо, скијање, јавање, хокеј на мраз – Путиновите спортски активности редовно се промовирани на руските државни медиуми, за да го дотераат неговиот имиџ на мачо маж во земјата и во странство, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Путин беше видно горд и задоволен кога Русија беше домаќин на Зимските олимписки игри 2014 во Сочи и на Светското првенство во фудбал во 2018 година.

Кога не се поти со врвните руски спортисти, Путин често се релаксира со нив надвор од спортските терени. И руските спортски ѕвезди се чини дека се мошне задоволни што му се гости на лидерот од Кремљ.

Многумина од нив со години го поддржуваа Путин, па и за време на неговата последна победа на претседателските избори.

Меѓу највпечатливите и најгласните беше Алекс Овечкин, веројатно најголемиот руски хокеар што некогаш играл во Националната хокејска лига (НХЛ).

Така, кога Артеми Панарин, ѕвезда во подем во НХЛ, неодамна зборуваше за Путин и беззаконието во Русија, луѓето се заинтересираа. Кога слушнаа што вели тој, беа шокирани.

„Мислам дека (Путин) веќе не разбира што е исправно, а што не е“, рече тој.

Панарин отворено зборуваше во интервју за „Всему Головин“ на каналот Јутјуб на руски јазик. „Нему не му е лесно трезвено да ја проценува ситуацијата“. 

 

 

„Ние немаме закони“, продолжува Панарин. „Ние немаме агенции што би ги регулирале големите компании. Сè е купено. Не ми се допаѓа тоа. Обичните луѓе страдаат поради тоа (…) Можеби би ми било потешко да живеам во Америка, бидејќи сум Русин, а и се навикнав во оваа земја (…) Но сепак, беззаконието ми е многу болно. Нема слобода на говорот. Не можете да укажете на каква било негативност. Тоа е она што не ми се допаѓа.“

Панарин се осврна и на поддржувачите на Путин, како што е поранешната балерина Анастасија Волочкова, која јавно рече дека оние на кои не им се допаѓа животот под Путин треба да заминат.

„Сите веќе заминаа“, рече Панарин. „Сите мозоци отидоа. Ова не би требало да се случува“.

Рускиот новинар Слава Маламуд, кој го преведе интервјуто на англиски јазик, рече дека ова „веројатно е највеличественото интервју со руски спортист досега“, во интервју објавено на канадски Спортнет на 19 јули.

Не ги мешајте спортот и политиката во Русија

Со зголемената популарност на социјалните медиуми, разни спортисти редовно ги споделуваат своите ставови за актуелните прашања во многу земји. Но не и во Русија.

Во 2013 година, кога Русија донесе закони со кои се забранува пропагирање на „нетрадиционалните сексуални односи“ пред малолетниците, шест руски тенисери и тенисерки што играа на УС Опен беа замолени да го искоментираат она што критичарите го сметаат за антигеј-законодавство. Никој немаше ниту збор критика – при што или не кажаа многу или нивните одговори беа униформирани.

„Јас имам мое мислење за ова, но не знам дали треба да коментирам“, рече Анастасија Павлученкова.

Но не одбија сите руски спортисти да зборуваат.

Големата руска скокачка со стап Јелена Исинбаева изрази поддршка за таканаречениот закон за хомосексуална пропаганда, наспроти оние што го критикуваа.

„Тоа е непочитување кон нашата земја (да го критикуваат)“, рече таа на прес-конференцијата на 15 август 2013 година. „Тоа е непочитување кон нашите граѓани затоа што сме Руси. Можеби сме различни од Европејците, од другите луѓе од други земји. Ние имаме наш закон, кој секој мора да го почитува.“

Меѓутоа, еден ден откако ја нарече хомосексуалноста „проблем“, Исинбаева ги повлече своите претходни коментари, тврдејќи дека била „погрешно разбрана“.

„Англискиот не ми е мајчин јазик и мислам дека можеби бев погрешно разбрана кога зборував вчера“, рече таа.

Малку гласови на противење

Евгениј Кафелников, поранешен врвен тенисер, е еден од ретките што беа гласни во јавната критика кон Кремљ. Тој, исто така, јавно го поддржа Алексеј Навални, опозициски политичар што се бори против корупцијата и кому му беше забрането да учествува на претседателските избори во 2018 година.

Во предвечерието на изборите во март, Кафелников, кој беше рангиран на првото место во светот во мај 1999 година и кој престана професионално да игра во 2003 година, изјави за АП дека го бојкотирал гласањето.

„Не мора да бидете гениј за да сфатите (дека Путин ќе победи)“, изјави 45-годишниот Кафелников. „На мојот избор, на оној за кого јас сакав да го дадам гласот на изборите, не му беше дозволено да се кандидира за претседател“.

Тој ја коментираше и улогата на спортистите во Русија, велејќи дека тие сè повеќе се експлоатираат за да го зајакнат имиџот на оние што се на власт.

„Отсекогаш мислев дека спортот и политиката не треба да се судираат на истиот пат, дека треба да бидат целосно одвоени. За жал, во последно време… некој ги користи професионалните спортисти во своја полза“, рече Кафелников.

Спортските ѕвезди што се занимаваат со политика со години се дел од руската сцена. На пример, боксерот Николај Валуев и тенисерот Марат Сафин се меѓу многуте спортисти што ја застапуваа партијата Обединета Русија во парламентот.

Олимписката ритмичка гимнастичарка Алина Кабаева не само што беше претставничка на партијата Обединета Русија во Думата, туку се шпекулираше и дека била во љубовна врска со Путин и дека со него има деца.

Овечкин, 33-годишна хокејска ѕвезда и напаѓач во Вашингтон Капиталс, исто така ужива блиски односи со Путин. Тој вели дека го има домашниот телефонски број на Путин. Претседателот на Овечкин му испрати и свадбен подарок во 2017 година, заедно со честитки што требаше да се прочитаат на приемот, бидејќи тој не можеше да присуствува.

Во пресрет на претседателските избори во 2018 година, на кои Путин освои 75 отсто од гласовите, Овечкин покрена медиумска кампања наречена Тимот на Путин, за поддршка на рускиот лидер.

Овечкин инсистираше дека движењето Тимот на Путин е негова идеја, иако Вашингтон пост истакна дека „има знаци дека фирма за односи со јавноста поддржана од Кремљ може да има улога во неа“.

Годинешниов натпревар, пак, во Сочи заврши непријатно за Кремљ, кога Путин падна на лице додека правеше победнички кругови славејќи ги своите осум гола.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести