Вицепремиерот Битиќи, во своето излагање посочи дека причината и приоритетот поради кои се основани јавните претпријатија е обезбедување на услуги за граѓаните.

Објавил: Рејхан Бајрами | 16 јануари, 2021 11:39

Вицепремиерот Битиќи: Намерата на Владата е да имаме ефикасни и ефективни јавни претпријатија

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес, на покана на „Центарот за граѓански комуникации“, „Конект“ и „Здружението на даночните советници“, учествуваше на дебата која се спроведува во рамките на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис секторот“ на тема „Работењето на државните претпријатија низ призмата на финансиските индикатори“, а на кој беше презентирана и публикација за резултатите од финансиското работење на 30-те најголеми јавни претпријатија во државна сопственост.

Вицепремиерот Битиќи, во своето излагање посочи дека причината и приоритетот поради кои се основани јавните претпријатија е обезбедување на услуги за граѓаните.

Тоа треба да бидат квалитетни и навремени услуги, кои го олеснуваат и даваат квалитет на животот на граѓаните на нашата земја, a еден од показателите за тоа дали ја исполнуваат својата примарна цел се финансиските резултати.

„Земајќи ги предвид податоците кои произлегуваат од анализата, фактот што поголемиот број од претпријатија кои се во сопственост на државата во 2019 година имаат многу поголема ефикасност и ефективност во нивното работење во споредба со претходните години е доказ дека политиките на Владата и преземените мерки за подобрување на состојбата во овој сегмент на државното функционирање полека но сигурно ги даваат своите резултати“, потенцираше вицепремиерот Битиќи.

Битиќи укажа дека поголем дел од претпријатијата работат солидно, односно имаат стабилни финансиски проекции и планови, остваруваат позитивен финансиски резултат и се самоодржливи и на среден и на долг рок.

„Она што како порака веќе го упатив до директорите на претпријатијата можам да го повторам и тука, а тоа е намерата на Владата да ги насочи и поддржи претпријатијата кон уште поефективно и поефикасно користење на ресурсите и создавање услуги кои ќе го унапредат нашето секојдневно живеење. Сепак, за оние претпријатија кои веќе одреден период или години наназад работат со проблеми или негативен финансиски резултат, сметам дека е нужно да се разгледаат опции кои ќе водат до промени“, додаде вицепремиерот.

Битиќи рече дека кај дел од јавните претпријатијата, како што е и во публикацијата наведено, и државата има констатирано дека се нужни промени во концептот на нивното функционирање.

„Нашите анализи покажаа дека преструктуирањето на некои од претпријатијата е неминовен процес кој што ќе се одвива во наредниот период, впрочем истите се во корелација со податоците од оваа анализа. Веќе знаете дека Владата има започнато процес на избор на компании за физибилити  студија за Македонски пошти и ТЕЦ Неготино и истиот процес ќе следи и за Железници на Северна Македонија Транспорт, ТЕЦ Осломеј или дел од енергетските капацитети кои функционираат во рамките на АД Електрани на Северна Македонија. Според податоците од физибилити студијата ќе се утврди моделот кој е најсоодветен за преструктуирање на овие претпријатија, дали тоа ќе биде јавно приватно партнерство или пак можеби приватизација на истите. Ако направените студиите покажат дека некое од претпријатијата можат да бидат самоодржливи со сегашниот статус ќе бидат направени планови за внатрешни промени кои ќе им овозможат да го подобрат нивното работење или да работат со позитивен финансиски резултат“, нагласи заменикот на претседателот на Владата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.