Гаф на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски интересен за јавноста

Објавил: Узунов Бобан | 26 јуни, 2019 19:13

Ви благодарам господине Ременски-се обрати координаторот Мицевски до неговата колешка

Фото/Текст извор: ©sdk.mk/магазин

Седницата за реконструкција на Владата продолжи доцна попладнево со по само неколку пратеници од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, половина пратеничка група од СДСМ и премиерот Зоран Заев.

Потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска-Ременски, која  цел ден ги слушаше  фалбите на Заев за постигнувањата на Владата и критиките и репликите на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, при крајот кажа што наследил СДСМ од ВМРО-ДПМНЕ:

„Во 2006 година, граѓаните пред да дојдете на власт беа задолжени по 760 евра по глава на жител. По вашето 10-годишно владеење, задолжувањето по глава на жител порасна на 2.500 евра. Ние сега пензиите ги исплаќаме без кредити, како што ги исплаќавте вие. Разликата од пред да дојдете на власт е огромна, оставивте дупка во ПИОМ од над 500 милиони евра “, потсети Ременски. 

 

Ви благодарам господине Ременски… “, рече Мицевски кога ја почна репликата. Спикерот Талат Џафери почна да се смее, како и сите пратеници во салата.

„Како реков? Господине? Извинете, госпоѓа Ременски, ѝ рече Мицевски на колешката.

Мицевски и пратениците од опозицијата денеска не добија конкретен одговор од Заев зошто ги менува министрите. Тие жалеа за  министерот за финансии Драган Тевдовски. Во граѓанските анкети бил последен за менување, зборуваа тие. А, пред неколку месеци, од ВМРО-ДПМНЕ му поднесоа интерпелација за работата на Тевдовски.

„За Тевдовски и Шапуриќ што ги менувате, не сме чуле скандал за непотизам. Не ги тргнавте министрите што се трн во око на јавноста, направивте козметички промени, зашто почувствувавте политичка слабост пред коалиционите партнери“, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Никој од министрите што си поднесоа оставки, денеска не ги образложија. Тевдовски нема поднесно оставка. Него Заев го предлага за разрешување, иако постојано потенцира дека бил еден од најдобрите негови министри. Рече дека ќе му биде советник и ќе работат заедно.

Седницата трае, Заев и натаму е мистериозен, не кажува јасно ниту зошто го разрешува Тевдовски и другите, ниту зошто сака лично тој да управува со ресорот финансии до изборот на нов министер.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести