Владиката Агатангел со остри критики за политичарите во земјава

Објавил: Узунов Бобан | 15 јули, 2019 11:22

Владиката Агатангел удри по власта и опозицијата: Едните се лакоми трговци, другите кираџии на кои им е битна само власта !

Фото/Текст извор: ©магазин

Владиката Агатангел  во колумна за Нова Македонија објавена со наслов “За погубното подигрување со народните светињи” упати  остри критики за власта и опозицијата во земјава. Ако едните се лакоми трговци со националните интереси и обележја, другите се однесуваат како да се кираџии во сопствената земја, чија единствена амбиција им е во што поскоро време да им ја преземат фотелјата на овие првите.-пишува владиката Агатангел. 

Направи плочка од чисто злато и на неа изрежи како на печат ‚Светиња Господова‘“ (Излез 28, 36) – му беше заповедано на светиот пророк Мојсеј, кога ја градеше Скинијата Божја. Светиња за еден народ се мирот и слободата, кои преку личните стремежи и напори на неговите најголеми синови и ќерки, со многу жртви и откажувања се достигнати. Затоа во Библијата е речено: „Сети се на старите денови, помисли за годините на поранешните поколенија, прашај ги татко си и старците свои и тие ќе ти раскажат… не биди сој безрасуден, народ без ум и паметење (Повторени закони, глава 32). Тешко на оној народ што со почит не се сеќава и кој правилно не ги вреднува своите најголеми светињи. Таквиот народ си ја сече гранката на која седи и длабоко во земја си го затрупува кладенецот, од кој, со возвишени идеали, ја гаснеле жедта неговите предци. Таквиот сој е безрасуден и безумен и во своето лудило се нуди себеси како лесна стрвина за гладните грабливци. Има патишта што на човека му изгледаат дека се исправни, но крајот нивни води во бездна и смрт. „Во цврстиот народ е величието на царот, а кога народот исчезнува, пропаст е за господарот… Правдата народот го подига, а беззаконието цели народи срамоти“ (Изреки, глава 14). Со јад и чемер во душата се прашуваме: Има ли крај на ова „лудило“, кое како сенка од темен облак се надвишува врз македонското небо? До каде мракот ќе ги распостели своите недофатливи контури? Оној што на гревот свесно му се подава, до бескрај ќе остане негов вечен заробеник! Тоа е основното духовно правило…

Како генерација доживеавме менување на име на државата, поткусурување со идентитетот на македонскиот народ, заборавање на националната историја и подигрување со немерливите достигнувања на народните великани. Воопшто нема да ме зачуди доколку Гоце Делчев, Даме Груев и Јане Сандански, во скоро време, некој не се сети да ги прогласи за терористи, слични на оние на ИСИЛ. За почеток, со цел Македонија да стане европска земја, одлучија да не ги споменуваат во националната химна. Европски потег, нема што тука да не е јасно! Но реалноста е сосема поинаква… Како и пред околу сто години, така и денес, овие наши великани се погребуваат од рацете на безидејни профитери, чие најголемо достигнување во нивните кариери е одобрувачката насмевка на некој конзул или западен моќник во нашата татковина. Ваквиот сервилен дух е својствен за сите наши политичари и јавни личности, без разлика дали доаѓаат од власта или од опозицијата. Ако едните се лакоми трговци со националните интереси и обележја, другите се однесуваат како да се кираџии во сопствената земја, чија единствена амбиција им е во што поскоро време да им ја преземат фотелјата на овие првите. Во борбата за моќ и краткотрајна добивка, и на едните и на другите, ништо не им е свето и возвишено. Воопшто не е битно што нашите најголеми борци за слобода ги жртвувале своите млади животи за светлата иднина на нашиот македонски народ.

Битно е да биде задоволен американскиот амбасадор, кого не пропуштаат шанса да го ословат како наш најголем партнер и пријател, без чија наклонетост не само што нема да постоиме туку и ќе исчезнеме од лицето на Земјава. Има нешто психопатско во ваквото однесување, сосечено од емоции и од здраворазумско расудување. Веројатно, затоа око не им трепнува кога осудуваат на децениска робија млади луѓе со штотуку формирани семејства. А, целата таа одвратна злоба, без срам и перде, јавно ни ја сервираат како задоволување на правдата. Торнадото на нивната духовна сиромаштија го обзема секој што ќе се приближи до вителот на неговото неконтролирано движење. Никој не е поштеден од оваа стихија, па ни младата пејачка што „ненамерно“ ја отпеа партитурата на нивните пеколни ноти. На крајот таа остана без аплауз и ги прими негодувањата од јавноста со сета разуздена сила. Композиторите и диригентите на сиот овој раштиман оркестар и понатаму во своите глави си останаа визионери и стратегиски партнери, кои ние обичните Македонци, во реалноста, ги доживуваме како масовни убијци на духот на цел еден народ, кој и покрај сите налети на нечестивите грабливци, со векови макотрпно, во своите народни витрини, ги чува и негува своите најголеми светињи и национални обележја.

Целата колумна може да ја прочитате тука

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.